Утре на денот на одржувањето на предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница во периодот од 7:00 до 19:00 часот ќе биде отворена подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Тетово, со цел граѓаните да можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.

Покрај лично во канцеларија, граѓаните ќе може да пријават повреда на нивното избирачко право и на телефонскиот број 044 344-082.

-Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права, се вели во соопштението од оваа институција.

И во оваа пригода, народниот правобранител потенцира, дека, избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што не случајно повредата на слободата на определувањето на избирачите како и други повреди на избирачкото право се казниви дела.