Тренерот на Вардар 1961, Иван Чупиќ, најави дека неговиот тим ќе се бори за победа на гостувањето кај Нант.
Вардар мора да ја покаже препознатливата борбеност и вистинскиот менталитет, без оглед на околностите.
„Сакаме да победиме и да останеме конкурентни, како што бевме и досега. Знаеме дека е многу тешко да се победи во Нант. Не сакам да размислуваме дека е доволно само да одиграме добар натпревар и да оставиме позитивен впечаток.
Мораме да се бориме и да го покажеме вистинскиот пристап и менталитет, како што сме правеле секогаш. Тоа никогаш не смее да недостасува во нашата игра.
Ова се тешки моменти за нас. Имавме високи очекувања и се надевавме дека ќе ја минеме групната фаза. Сепак, сакаме да испратиме порака за иднината – дека сè уште сме тука, дека сме конкурентни и дека овој тим продолжува да се развива.
Секој натпревар во Лигата на шампионите за нас е како финале. Мораме да се претставиме во вистинско светло и да учиме од секој меч“, истакна тренерот на Вардар.




