Драматичен расплет на спринт трката за Големата награда на Австралија. Марк Маркез стигна до победа и го презеде првото место во генералниот пласман, но главната вест од Филип Ајленд е тешкиот пад на Хорхе Мартин, кој заработи фрактура на десната рака и нема да настапи на неделната трка.
Спринтот на Филип Ајленд донесе една од највозбудливите директни пресметки во борбата за шампионската титула оваа сезона. Марк Маркез и Хорхе Мартин влегоа во викендот разделени со само два бода, а нивниот дуел на патеката покажа колку е голем влогот во завршницата од шампионатот.
Маркез тргна од пол-позицијата и го задржа водството на стартот, но Мартин, кој стартуваше како четврти, веднаш се проби на втората позиција. Во следните кругови двајцата неколкупати ги менуваа позициите, со агресивни претекнувања и борба речиси во секој свиок.
Пресудниот момент се случи во осмиот круг. Мартин се обиде повторно да го нападне Маркез, но на излезот од седмиот свиок неговата Aprilia се дестабилизираше. Во осмиот свиок го загуби предниот дел од мотоциклот и следуваше тежок пад при голема брзина.
Со тоа заврши неговата трка, а Маркез остана на чело, пред својот брат Алекс Маркез и Фабио Ди Џанантонио.
Иако во завршницата разликата меѓу водечките беше мала, Маркез успеа да ја задржи предноста и да стигне до деветтата спринт победа оваа сезона. Алекс Маркез заврши втор со само 0,323 секунди заостанување, додека Ди Џанантонио го комплетираше подиумот.
Марко Бецеки имаше одлично враќање по лошиот старт. Возачот на Aprilia падна на 12. позиција во првиот круг, но постепено напредуваше и заврши четврти, пред Педро Акоста.




