Институтот за национална историја денеска ги промовираше резултатите од проектот проектот „Извори за историјата на Македонија – тематска целина религија“. Оваа колективна монографија е замислена како долгорочен макропроект, структуриран во повеќе тематски целини, насочени кон прибирање и критично проучување на историската граѓа за Македонија, проширување на документарната основа и отворање нови истражувачки прашања.

Тематската целина „Религија“ опфаќа широк историски период, од античките религиски култови и христијанизацијата на Македонија, преку богомилството и Охридската архиепископија до верските институции, образованието и религиските традиции во османлискиот и современиот период, вклучително и во македонската дијаспора. Притоа религијата е разгледана во нејзината поврзаност со општествените, политичките и културните процеси во македонската историја.

Директорот на Институтот за национална историја, проф. д-р Митко Панов, истакна дека по подолг период повторно се создаваат услови за системски, колективни и долгорочно осмислени истражувања, неопходни за континуиран развој на историската наука и создавање нови научни сознанија.

– Овој проект е особено важен во време кога македонската историја и историското и културното наслество се предмет на оспорувања и политички условувања. Во такви околности, нашата одговорност како Институт и историчари е да останеме доследни на научните принципи, на оспорувањата на не одговараме со декларации, туку со историски документи, критичка анализа и проверливи факти – нагласи проф. д-р Панов.

Тој истакна дека резултатите претставени денеска, не се завршница, туку основа за продолжување на макропроектот „Извори за историјата на Македонија“ низ наредните тематски истражувања.

– Тоа е нашата научна определба и нашата обврска како институт: да ја продолжиме и надградуваме речиси осумдесениската традиција за национална историја, за проучување, истражување, негување и афирмација на македонската историја и историското културно наследство – потенцира Панов.

Тој потсети дека проектот е резултат на обновувањето на финансирањето на научно-истражувачките проекти на научните институции од стратегиски интерес за државата, од страна на Министерството за образование и наука, изразувајќи благодарност до министерката Весна Јаневска.

​- Министерството уште во 2024 година обезбеди средства и за дигитализација на Институтот, со што се создадоа предуслови за освременување на некои од документациските и библиотечните ресурси. Финансирањето на истражувањата и дигитализацијата на постојните фондови се два комплементарни процеси: едниот овозможува развој на научно-истражувачката дејност, а другиот зачувување, систематизација и подостапно користење на архивската и библиотечната граѓа – посочи Панов.

​Тој додаде дека во реализацијата на проектот учествувале 17 истражувачи со вкупно 140 истражувачки денови посветени на архивска и библиотечна работа во земјата и во странство. Рече дека во Македонија истражувањата се одвиваат во Државниот архив, вклучително во Скопје, Охрид и Битола, во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, во фондовите на Македонската академија на науките и уметностите, во архивот на Исламската верска заедница, како и во документациското одделение и библиотеката на самиот Институт. Во странство биле опфатени архивски и библиотечни центри во Софија, Белград, Сараево, Истанбул, Тирана, Атина, Глазгов и Единбург.

Панов истакна дека овој проект придонел и за проширување на меѓународната академска соработка, при што е потпишан меморандум за институционална соработка со Универзитетот во Единбург, со што се отвараат можности за академска размена и заеднички научни иницијативи. Резултатите од истражувањата, додаде тој, биле претставени и на меѓународни конгреси, симпозиуми, конференции и академски предавања во Скопје, Охрид, Глазгов, Виена и Лоѓ.

​Маја Ангеловска Панова професор и научен советник во Одделението за античка и средновековна историја при Институтот за национална историја, рече дека денешниот симпозиум, како и промоцијата на истоимената колективна монографија, се во тесна врска со проучувањето и научната елаборација на историските извори што се однесуваат на религиозните процеси, институции и традиции на просторот на Македонија, инкорпорирајќи се длабоко во духовниот, културниот, општествениот и политичкиот живот.

– ​Станува збор за дело кое го обработува едни од најсложените и фундаментални прашања во историскиот развој на Македонија, имено местото и улогата на религијата во различните историски периоди и општествени констелации. Колективната монографија претставува обемен и тематски прилично хетероген научен корпус составен од предговор и 14 поглавја подредени според хронолошки редослед на проблематиката изложена во две изданија на македонски и на англиски јазик, со што се отвора простор за афирмација на научните резултати пред пошироката меѓународна научна јавност – рече Ангеловска Панова.

​Според неа, она што ја прави оваа монографија автентична е пред сè нејзиниот изворен и интердисциплинарен карактер, особено што религијата не е разгледувана само како духовна или црковна категорија, туку како феномен кој во различни историски околности се преплетувал со политиката, културата, образованието, дипломатијата, социјалните процеси и колективното паметење.

​-Научно-истражувачкиот дискурс започнува со култот на Кипела и египетските божества во антична Македонија, преку анализа на континуитетот и трансформациите на христијанството од 7-от до почетокот на 10-от век, понатаму продолжува со улогата на религијата во средновековната политика и дипломатија и со богомилството како историски феномен со статус на дисидентско движење во препознатливиот амбиент на средновековието – посочи таа.

Додаде дека посебно место заземаат истражувањата посветени на Охридската архиепископија, вакафите, егзархијата, Цариградската патријаршија како и на развојот на исламското образование преку примерот на Гази Иса-беговата медреса во Скопје. Овие поглавја, истакнува таа, ја демонстрираат сложеноста на односот меѓу религијата, институциите, образованието и политичката власт.

– Колективната монографија засегнува и прашања детерминирани од верскиот живот, традицијата и колективното сеќавање на македонското население во различни историски и географски контексти: во делот на Македонија во Грција, во Албанија и во македонската дијаспора во Австралија. Значаен сегмент претставува и корпусот на фондови од Државниот архив на Република Македонија како и регистрите на црковните судови од Битола од втората половина на 20 век – рече Ангеловска Панова.

Таа истакна дека проектот со оваа публикација создава вредна основа за понатамошни истражувања, отвора нови прашања и пред сè потсетува дека без критичко читање и препрочитување на изворите не е можно целосно разбирање на минатото, а делумно и создавање амбиент за делување во иднина.

Државната секретарка во МОН Елена Ивановска, рече дека Министерството ќе продолжи да ги финансиски да ги стимулира овие научно-исражувачки проекти, да се придонесе за развојот на научно истражувачката мисла во Македонија. -Оттука сакам да порачам дека пари за науката и понатаму ќе има, затоа што сме свесни дека без наука и образование нема ниту развој на државата – порача Ивановска.

​Централниот резултат на проектот е колективната монографија подготвена во две јазични изданија на македонски и на англиски јазик. Во 14 научни поглавја се обединети сознанијата од истражувањата македонската изданија која ја збогатува домашната историографска продукција, додека англиското овозможува резултатите да бидат достапни и за меѓународната академска јавност. (МИА)