Јато птици сериозно го оштети крилото на авион на турската авиокомпанија „Пегасус ерлајнс“ (Pegasus Airlines) при полетување од аеродромот во Истанбул, поради што пилотот морал да изврши принудно слетување, соопшти весникот „Јени Акит“.
Инцидентот се случил за време на искачувањето на авионот по полетувањето од пистата, на летот кон Амстердам. Јатото птици му го пресекло патот на авионот, а при судирот крилото било делумно уништено до степен што го довел во прашање продолжувањето на летот.
Благодарение на навремената реакција, пилотот побарал и добил дозвола од контролната кула за принудно слетување на истиот аеродром, каде што авионот по слетувањето го пречекале екипи за итни интервенции и противпожарни возила.
Патниците од оштетениот авион биле префрлени во друго летало и, и покрај инцидентот и доцнењето од неколку часа, го продолжиле патувањето кон нивната крајна дестинација, наведува весникот.




