Меѓународниот белградски саем на книгата децении наназад е еден од централните настани во културниот календар на југоисточна Европа и најголема манифестација од ваков вид во регионот. Неформално познат како празник на книгата, тој секоја година ги собира најзначајните домашни и бројни странски писатели и издавачи, кои ја претставуваат својата досегашна и актуелна продукција.
Оваа престижна регионална манифестација ги поврзува издавачите, авторите, библиотекарите и љубителите на книгата, нудејќи им простор за деловна соработка, културна размена и промоција на актуелното книжевно и образовно творештво.

Саемот традиционално се одржува на крајот на октомври, но оваа година, како и многу други неполитички настани, не беше доволно застапен во српските медиуми, особено затоа што Србија беше во предизборен период. Сепак, љубителите на книгата беа таму.
На овогодишното издание учествуваа над 300 директни излагачи, а заедно со индиректните учесници нивниот број достигна речиси 700, што уште еднаш ја потврди масовноста на оваа манифестација.

Мотото на саемот годинава беше „Зборовите го градат светот“, но и овој пат, како и години наназад, без македонски збор, затоа што немаше ниту еден издавач на македонски јазик.
Мирисот на книгата засекогаш ќе се сака
Единствен излагач од Македонија на Меѓународниот саем на книги во Белград, и тоа со импресивни 11.000 наслови, односно вкупно 35.000 книги, е специјализираната продавница за странска литература „Академска книга“. Компанијата застапува наслови на повеќе од 200 странски издавачки куќи од Англија, САД, Европа, и е препознатлива по нејзиниот богат фонд на стручна и научна литература, универзитетски учебници, како и дела од областа на општествените науки, хуманистиката, уметноста и белетристиката. Претставникот на „Академска книга“, Нино Трајчев, за МИА вели дека за саемот се подготвуваат два месеци и оти за нив тој е централна манифестација за љубителите на книга на Балканот.

– Интересот за изданијата на „Академска книга“ секоја година е се поголем. Младите сакаат да читаат на англиски јазик, и има проблем во тоа што и самото издаваштво не може да следи толку голем број на наслови. Сега за младите има многу широк спектар – од манги, стрипови, научна фантастика … Како издавачка куќа и да сакаме да преведеме на мајчин јазик, не може да се постигне. Една книга, колку и да е хит, ќе се продаде во одреден тираж и толку. Според истражувања, колку и да звучи чудно, човештвото изминативе неколку години чита најмногу до сега низ историјата. Некои од големите издавачи мислеа дека е-книгите ќе бидат тие што ќе преовладеат на пазарот и оти издаваштвото ќе се движи во таа насока, се дадоа милијарди долари и евра за софтвери, но сега ги нема никаде-вели Трајчев.

Нино Трајчев од „Академска книга“ со нашата Сања Костовска
За разлика од весниците кои речиси изумреа како пишан медиум, според него, книгите ќе постојат засекогаш.
– Мирисот на книгата засекогаш ќе се сака. Книгата во хартиена форма опстојува и мислам дека засекогаш ќе биде така – заклучува тој.
Академска книга е позиционирана во Македонија, но работи за цел Балкан. Има клиенти и во Хрватска, Косово, Босна, Црна Гора коишто ги снабдува. На Белградскиот саем воспоставува контакти со сите земји, доаѓаат претставници од цел Балкан, се среќаваат, склучуваат договори.

Издавачката куќа „Академска книга“ нема конкуренција на белградскиот саем. Некои од големите српски издавачки куќи почнале со увоз на англиски јазик, се обиделе со некои селекции, но за да се успее на тој пазар треба точно да се знае како функционира и што сака публиката да чита, односно што треба да се понуди.
– Многу е комплицирано. Ова не е едноставен бизнис. Ова е бизнис во кој кога ќе ти останат непродадени книги, остануваат засекогаш. Ние во магацин имаме многу книги за кои повеќе нема интерес. На некого од страна може да му изгледа спектакуларно – метеж на каса, огромна заинтересираност – но не е така едноставно. Не, не се жалам. Ние одлично функционираме – изјави Трајчев.

Книгите за кои повеќе нема заинтересираност се продаваат со големи попусти. Еднаш до два пати годишно „Академска книга“ организира распродажба, на која книги кои на светскиот пазар чинат стотици евра, можат да се купат и за 350 денари. На саемот во Белград, тие книги се продаваат за 10 евра и за нив има огромна заинтересираност.
Во однос на неприсуството на македонски издавачи на саемот во Белград, Трајчев не знае зошто е тоа така. Тој вели дека самиот купува книги на македонски и им носи на своите пријатели и деловни соработници во Србија, од кои голем дел имаат македонско потекло и сакаат да читаат на македонски. За македонските издавачи вели дека најверојатно немаат интерес, иако цената за закуп на простор не е скапа, и затоа не учествуваат на саемот.

Нино Трајчев: Македонскиот пишан збор треба наголемо да се промовира
-Според мене, некои работи не се прават за профит. Ние треба на големо да го промовираме македонскиот пишан збор. Во Србија има многу мешани бракови и родителите сакаат нивните деца да читаат на македонски. Јазикот мора да се зачува. Јас носам книги за деца на мои пријатели кои живеат тука, затоа што немаат каде да купат. Тука е профитот. Добивката е во тоа што тоа дете ќе знае македонски јазик. Да знае од каде е дојдено – истакнува Трајчев.
Тој додава дека самиот би презел иницијатива да дели книги на македонски јазик на саемот во Белград. Кога би добил печатарска цена за книгите, за да може да ги купи по разумна цена, бесплатно би ги делел на посетителите, со цел промоција на македонскиот јазик.
– Но, верувам дека ќе биде подобро – се надева Трајчев.

Српските читатели можат да стигнат до македонски изданија на друг начин
ПВН публикации е македонски мал независен издавач кој постои 16 години. Тие се водечки издавач на поезија во земјава. Со оглед на тоа што се фокусирани на млади автори и организирање книжевни настани, ни беше логично да ги прашаме зошто не учествуваат на овој голем регионален настан.
– Ние, како издавачка куќа, не гледаме комерцијален интерес за учество на саемот на книгата во Белград, бидејќи нашите книги се на македонски јазик и потенцијалните купувачи би биле Македонци што живеат во Србија. Но со оглед на фактот дека сме соседни земји, сметам дека воопшто не е проблем за тие читатели да стигнат до изданијата на некој друг начин – изјави за МИА Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.

Според неа, учеството на овој саем повеќе би имало смисла како можност за претставување на македонската современа книжевност таму, со фокус на продажба на авторските права за превод на дела од македонски автори, како што се саемите во Франкфурт или во Болоња.
– Сепак, бидејќи Белград е еден од градовите во кои Македонија има свој културен центар, можеби најдобро би било самиот центар да закупи штанд на саемот и со помош на МАИ да се изработи каталог и друг промотивен материјал за презентација, па да се организираат настани на кои ќе бидат претставени неколку македонски автори со нивните понови и наградени книги – вели Величковска.
Фокус на големи светски саеми каде што македонските куќи се претставуваат пред целиот издавачки свет
Претседателот на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) и главен уредник на Издавачкиот центар ТРИ Бојан Саздов потсетува дека МАИ учествуваше на Белградскиот саем на книгата во 2017 година, но додава дека искуството оттаму е дека се работи за продажен саем на кој македонските издавачи немаат голема публика.
– Од друга страна, тој не одговара сосема на нашиот концепт да ја претставуваме новата книжевна продукција пред професионална публика и да ги поврзуваме домашните и странските издавачи. Инаку, и оваа година имавме разговори со претставници на српското Министерство за култура за учество на саемот, но нашиот фокус сепак останува на големите светски саеми како Франкфурт и Болоња, каде што се претставуваме буквално пред целиот издавачки свет – изјави Саздов за МИА.

Тој констатира дека можеби овој саем е поинтересен за авторите кои се веќе објавени на српски јазик, кои можат да го искористат саемот во промотивни цели, но тоа, како што наведе, секако се случува на штандовите на српските издавачи, кои разбирливо се и на многу поатрактивна локација.

Во врска со идејата која се отвори во разговор со неколку издавачи Културно-информативниот центар (КИЦ) на Македонија во Белград да преземе иницијатива за обезбедување заеднички штанд или простор, кој би служел за промоција на македонски изданија, Саздов вели дека сè зависи кои се очекувањата и каква би била намената на таков штанд.
– За промотивни настани – би било добро, иако како што спомнав, саемот има повеќе продажен карактер. Не е реално да се очекува дека книги на македонски јазик ќе се продаваат во Белград, освен можеби за некој мал број наши луѓе што живеат таму. Така што, изложбен и промотивен штанд во основа е добра идеја, но не е дел од она што е мисија на МАИ. Секако, би биле заинтересирани како издавачи да се вклучиме во евентуалната иницијатива да се организира ова претставување и би го помогнале и програмски и со своите изданија – рече Саздов.
Од Културно-информативниот центар (КИЦ) на Македонија во Белград велат дека секогаш се отворени за поддршка и промоција на македонската култура и творештво во Србија. Сепак, појаснуваат дека, согласно законските надлежности, институцијата не може да ја презема улогата на издавач, ниту самостојно да организира учество на саем од ваков вид.
Како што нагласуваат, нивната мисија е да бидат мост и поддршка за културните иницијативи, па затоа, доколку македонските институции, издавачи и асоцијации покренат заедничка иницијатива за претставување на македонскиот пишан збор на саемот, со задоволство би помогнале во логистиката и промоцијата.
















