Денешната блокада пред Владата, организирана од иницијативата „Ниту една повеќе!“, посветена на борбата против фемицидот и семејното насилство, привлече внимание во јавноста не само поради пораките и барањата на организаторите, туку и поради присуството на политички и синдикални претставници во првите редови.

Меѓу присутните беа забележани и функционери на опозициската СДСМ, како и претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), чие појавување на протестот отвори прашања за улогата на политичките и синдикалните структури во граѓанските иницијативи.

Иако темата на денешната блокада е од исклучително општествено значење и бара единствена поддршка, присуството на партиски функционери и синдикални претставници во првите редови неизбежно го наметнува прашањето дали ваквите настани остануваат исклучиво во рамките на целта поради која се организирани или стануваат и можност за јавно политичко и синдикално позиционирање.

Борбата против фемицидот и семејното насилство не треба да биде предмет на политички препукувања, ниту платформа за промоција на која било политичка или друга организација. Станува збор за проблем кој бара конкретни институционални решенија, навремена реакција и ефикасна заштита на жртвите, а не само присуство на јавни собири.

На крајот од денот останува прашањето дали сите присутни беа таму исклучиво за поддршка на барањата на иницијативата „Ниту една повеќе!“ или сето ова било планирано и политички организирано.




