Пратениците лојални на словачкиот премиер Роберт Фицо денеска усвоија законски измени со кои се укинува гласањето по пошта за Словаците што живеат во странство.
Законот беше усвоен со 79 гласа „за“ и 71 „против“ во Националниот совет, кој брои 150 пратенички места, со гласовите на владејачката трипартиска коалиција. Според новите одредби, словачките државјани во странство ќе можат да гласаат исклучиво во дипломатско-конзуларните претставништва, односно во словачките амбасади.
За да стапи во сила, законот треба да го потпише претседателот Петер Пелегрини.
Фицо изјави дека мерката има цел да „спречи измами и манипулации“, но не приложи докази за своето тврдење. Опозицијата ги отфрли неговите аргументи, оценувајќи дека измените се насочени против прозападно ориентираните гласачи и дека ќе лишат десетици илјади Словаци од можноста да гласаат. Против измените на изборните правила илјадници луѓе протестираа во главниот град и во други делови на земјата.
На парламентарните избори во 2023 година, речиси 59.000 Словаци што живеат во странство гласаа по пошта. Тогаш партијата на Фицо, „Смер – социјална демократија“, освои само 6,1 отсто од нивните гласови, додека опозициските партии добија повеќе од 80 отсто. На национално ниво, левичарската партија „Смер – социјална демократија“ победи на изборите со 22,9 отсто од гласовите, обезбедувајќи 42 пратенички места во парламентот.
Следните парламентарни избори во Словачка, земја со 5,4 милиони жители, се очекува да се одржат во септември 2027 година.




