Најмалку шестмина Палестинци, меѓу кои и двајца полицајци, загинаа денеска во израелски воздушни напади во Појасот Газа, соопштија локалните здравствени и полициски власти.
Медицински извори соопштија дека три лица загинале утрово при напад врз полициска станица во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа. Министерството за внатрешни работи, под контрола на Хамас, соопшти дека двајца од загинатите биле полицајци. Во нападот биле повредени уште пет лица.
Во друг израелски воздушен напад во близина на коридорот Нецарим, загинале уште три лица.
Израелската војска соопшти дека во двата реона напаѓала припадници на вооружени групи, без да даде дополнителни детали.
Спогодбата за прекин на огнот постигната со посредство на САД во октомври 2025 година, ги запре големите борбени операции во разурнатиот Појас Газа, но не ги прекина израелските напади, ниту доведе до разоружување на Хамас.
Израел го обвинува палестинското движење дека се обидува да ги прегрупира и повторно да ги вооружи своите сили. Хамас ги отфрла обвинувањата, тврдејќи дека го почитува примирјето и дека Израел се обидува да го наруши.
Според податоците на палестинската и израелската страна, од стапувањето на сила на примирјето досега загинале најмалку 1.600 Палестинци и петмина израелски војници.
Израелските сили во моментов контролираат околу две третини од територијата на Појасот Газа, во споредба со нешто повеќе од половина при склучувањето на примирјето. Хамас контролира тесен појас долж крајбрежјето.
Повеќе од двегодишната израелска воена офанзива во Газа однесе десетици илјади животи, предизвика недостиг од храна и го принуди целото население на палестинската територија да ги напушти своите домови. Научници и истражна комисија на Обединетите нации заклучија дека дејствијата на Израел претставуваат геноцид.
Израел наведува дека неговите воени операции се во рамките на правото на самоодбрана, по нападот на 7 октомври 2023 година предводен од Хамас, во кој загинаа 1.200 лица, а повеќе од 250 беа киднапирани.
МИА




