Театарската претстава „Мојот маж“, во продукција на грчкиот театар „Процес“, вечерва во 20 часот во салата „Фросина“ ќе биде изведена во рамките на 51. издание на Македонскиот народен театарски фестивал – МОТ.
Режијата е на Марија Манганари, а претставата е работена според расказите од истоимената збирка на македонската писателка Румена Бужаровска. Во улогите настапуваат Мариа Скоула, Амалиа Кавали и Марија Манганари.
Преку остриот, но истовремено духовит свет на женските приказни, претставата ги отвора прашањата за љубовта, бракот, семејните односи и положбата на жената во современото патријархално општество. Иако насловот упатува на мажите, во центарот на расказите се жените – сопруги, љубовници, мајки, ќерки и пријателки, чии лични искуства ги откриваат противречностите на односите меѓу половите и товарот на традиционалните улоги.
Преку хумор и сурова искреност, сценската адаптација ги истражува и илузиите за женската еманципација, неуспешните бракови, тајните и конфликтите што се дел од секојдневниот живот.
Претставата е на грчки јазик, со превод на македонски, а времетраењето е 60 минути.
Од 22 часот во салата „25 Мај“ вечерва ќе биде изведена и последната претстава на 51. МОТ. Станува збор за „Ана – непоправливата“, е посветена на 18-годишнината од убиството на руската новинарка и истражувачка Ана Политковскаја. Режијата е на Надја Панчева, според текст на италијанскиот драматург Стефано Масини, а во претставата настапуваат Невена Калукова и Владимир Солаков.
Преку приказната посветена на Политковскаја, претставата го отвора прашањето за односот меѓу моќта, државата и оние што одбиваат да молчат. Во текстот се споменува и Владислав Сурков, поранешен функционер во претседателската администрација на Кремљ, и неговите ставови за таканаречените „непоправливи“ непријатели на државата.




