Засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај се спроведуваат во Охрид и Струга поради состанокот на лидерите на земјите учеснички во процесот Брдо-Бриони, што денеска и утре се одржува во Охрид.

Како што информираат од СВР – Охрид, мерките опфаќаат физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците, објектите и локациите предвидени со протоколот за посетата.

Полициските станици за безбедност во патниот сообраќај во Охрид и Струга спроведуваат мерки за обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот на трасите по кои ќе се движат возилата под придружба. Посебно внимание е посветено на булеварот „Туристичка“ во Охрид, дел од автопатот Охрид-Кичево, централното градско подрачје во Струга, регионалниот пат Струга-Дебар, како и на други улици и сообраќајници каде што нема да биде дозволено запирање и паркирање моторни возила.

На тие локации се предвидени краткотрајни застои во сообраќајот, што ќе траат до поминувањето на возилата со кои ќе се превезуваат учесниците на средбата.

Од СВР – Охрид информираат дека за безбедно и непречено спроведување на активностите е воспоставена координација со локалните самоуправи, правните субјекти задолжени за одржување на патиштата и улиците, фондовите за комунални дејности, сообраќај и улици во општините Охрид и Струга, јавните претпријатија и други надлежни институции.

Од полицијата апелираат до возачите да ги почитуваат насоките на полициските службеници на терен и своите возила да ги користат само во неопходни случаи во периодот на спроведување на мерките, со цел непречено одвивање на сообраќајот и безбедност на сите учесници.