Владата најбргу што може очекува да го обезбеди потребното мислење за предлог-измените на Законот за заштита на жртвите од семејно насилство и насилство врз жените по што тоа ќе биде доставено до Собранието, изјави денеска владината портпаролка, Марија Митева.
Одговарајќи на новинарско прашање кога Владата ќе го достави мислењето за да може претседателот на Собранието да закаже седница за разгледување на законските измени, Митева рече дека законот е во владина процедура и дека за неговото усогласување треба да бидат завршени повеќе институционални постапки.
– Точно, законот е во владина процедура. Знаете дека во тие владини процедури потребни се неколку инстанции да поминат, односно да се обезбеди мислењето. Очекувам дека Владата најбргу што може ќе го обезбеди тоа мислење и ќе го достави до Собранието – рече Митева.
Таа нагласи дека предлог-измените произлегуваат од заложбата на Владата за подобрување на заштитата на жртвите од семејно насилство и насилство врз жените посочувајќи дека во подготовката биле вклучени институции, граѓански организации, експерти, обвинители, судии, правници и лица што непосредно работат со жртвите.
Според Митева, токму институциите во рамките на Владата ја иницирале процедурата за законски измени, при што бил воспоставен дијалог со сите релевантни општествени чинители.
– Сметам дека клучното прашање што треба да се постави е како дојдовме до законски измени на Законот за заштита на жртвите од семејно насилство и насилство врз жените. Тоа е токму поради заложбата на оваа Влада да направиме чекор напред и да ги подобриме состојбите кога станува збор за заштитата на жртвите. Сигурна сум дека заложбата на Владата е јасна во однос на немањето никаква толеранција за насилството врз жените – изјави Митева.
На дополнително прашање зошто законот подолго време е во владина процедура, таа рече дека не сака да шпекулира со рокови, без претходно да ги провери информациите.
– Ќе ми дозволите точно да проверам. Не би импровизирала сега бидејќи станува збор за состојби што се движат од институција во институција. Немам никаков проблем да ѝ ги соопштам на јавноста информациите за тоа кога е испратено, кои се причините и зошто. Се надевам дека потребни се повеќе мислења што треба да се инкорпорираат во едно за тоа да биде доставено до Собранието – рече Митева.
Одговарајќи на прашање за предлог-измените на Законот за нефер трговските практики и потребата од повисоки казни за трговците што ги прекршуваат правилата, Митева објасни дека за секој законски предлог треба да бидат завршени повеќе фази во владината процедура.
Таа посочи дека предлозите ги подготвуваат надлежните институции по што следуваат колегиуми, комисии, разгледување и усогласување на седница на Владата, како и прибирање мислења од институциите.
– Има неколку инстанции во рамките на оваа процедура. Институциите имаат колегиуми, комисии, потоа следува разгледување на седница на Владата, формирање мислење и барање мислења од институциите. Кога сите овие работи ќе се инкорпорираат, Владата ги става точките што се усогласени на седница за да можеме да дадеме поддршка или да не дадеме – рече Митева.
Таа изрази уверување дека Владата ќе постапи веднаш штом бидат исполнети условите и ќе бидат усогласени ставовите на сите надлежни институции нагласувајќи дека Владата има сериозна заложба за справување со нечесните трговски практики и за заштита на граѓаните.




