Владата покажа дека младите се еден од главните приоритети и дека вложувањето во нивното образование, развој и подобар животен стандард е важен дел од владините политики, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од денешната прес-конференција на Дамјан Коњановски, генерален секретар на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го пренесува интегрално.

Од почетокот на мандатот веќе се преземени повеќе конкретни чекори во таа насока. Постојано се работи на отворање нови можности за вработување и самовработување на младите, реконструкција и подобрување на условите во студентските домови, воведување нови категории стипендии, како и намалување на дигиталната нееднаквост. Тоа се мерки што одговараат на различните потреби на младите и имаат за цел да им овозможат подобри услови за образование, работа и личен развој.

Владата продолжува со нови решенија преку кои студентите ќе добијат дополнителни поволности и конкретни финансиски придобивки во секојдневниот живот.

Станува збор за ново законско решение, со кое секој студент ќе добие студентска картичка, преку која студентите ќе можат да остваруваат 20% пониски цени за сите услуги што ќе ги користат преку апликацијата М-услуги.

Ова претставува дополнителна поддршка за нивниот буџет и намалување на трошоците. Студентите  ќе можат да ја користат картичката во текот на целата година, а не само за време на академската година.

За подготовката на ова законско решение се вклучени повеќе надлежни институции, кои работат во меѓусебна координација. Во процесот учествуваат Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација, Генералниот секретаријат, Кабинетот на претседателот на Владата и Министерството за финансии.

Исто така, Министерството за социјална политика, демографија и млади работи на развој на посебна апликација и дигитална картичка.

Нашата цел е поддршката за студентите да одговори на повеќе аспекти од нивниот секојдневен живот.  Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со конкретни мерки и законски решенија насочени кон младите. Преку подобри услови за образование, нови можности за вработување и дополнителни финансиски поволности, целта е младите да имаат повеќе причини и можности да ја градат својата иднина дома.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Фото: ВМРО-ДПМНЕ