Девет години по апсењата поврзани со настаните од 27 април, Јане Ченто повторно побара правда, оценувајќи дека последиците од, како што ја нарекува, неправдата продолжуваат да ги чувствуваат тој и неговите блиски.

Во објава по повод годишнината, Ченто се присети на раните утрински часови кога бил уапсен, опишувајќи ја полициската акција како демонстрација на прекумерна сила. Тој тврди дека уште од почетокот верувал оти станува збор за однапред подготвено сценарио со политичка цел – обезбедување мнозинство за промена на уставното име на Македонија.

Ченто наведува дека годините поминати во затвор, понижувањата и последиците врз семејствата не можат да бидат надоместени, но инсистира дека неправдите, според него, мора да бидат исправени.

Тој потсетува и на протестите организирани во изминатите години, за кои вели дека претставувале израз на поддршка за барањето правда.

„Државата не смее да заборави, а ние нема да дозволиме да се заборави! Не бараме милост. Не бараме одмазда. Бараме правда!“, порача Ченто.