Работодавачите имаат уште еден месец да го исплатат регресот за годишен одмор (К-15) за 2026 година. Крајниот рок за исплата е 31 декември, а минималниот износ во приватниот сектор изнесува 19.516 денари, додека во јавниот сектор регресот е околу 13.560 денари.
Разликата во висината на регресот произлегува од различните колективни договори, кои предвидуваат посебни основици и проценти за пресметка. За да стекне право на К-15, работникот треба да има најмалку шест месеци работа кај истиот работодавач во текот на календарската година.
Во приватниот сектор, согласно Општиот колективен договор за стопанството, регресот изнесува најмалку 40 отсто од просечната нето-плата во државата за последните три месеци за кои се објавени податоци. Според основицата за јули, август и септември, минималниот износ за оваа година е 19.516 денари. Со колективен договор на ниво на дејност или работодавач може да биде утврден и повисок износ.
Во јавниот сектор, регресот изнесува најмалку 30 отсто од просечната месечна нето-плата исплатена во претходната година. Според просечната плата за 2025 година, К-15 за 2026 година изнесува 13.559,40 денари. Исплатата е условена и со ненегативен реален раст на БДП во најмалку едно од претходните четири тримесечја.
Правото на регрес не е условено со тоа дали работникот го искористил годишниот одмор. Во јавниот сектор постојат и посебни исклучоци при пресметката на условот за шест месеци работа, кои се однесуваат на вработените што користеле отсуство поради бременост, раѓање и родителство или биле на непрекинато боледување подолго од шест месеци.
Доколку приватна фирма поради финансиски тешкотии исплати понизок износ, тоа мора да биде уредено со соодветна спогодба, по претходни консултации со синдикатот или со претставник избран од работниците. Самото усно образложение од работодавачот не е доволно за намалување на регресот.
Работниците кои ги исполнуваат условите, а нема да добијат К-15 до 31 декември, можат да поднесат пријава до Државниот инспекторат за труд, по име или анонимно. Препорачливо е да ги зачуваат договорот за вработување, банкарските изводи и евентуалната писмена комуникација со работодавачот.
За правна помош можат да се обратат и до Сојузот на синдикатите на Македонија на телефонскиот број 070 818 878 или преку апликацијата „ССМ, мои работнички права“. За наплата на парично побарување од работен однос постои и можност за непосредно обраќање до надлежниот суд.




