Долго се шушкаше, сега отворено се зборува – дали претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер е алкохоличар?

Шпигел на неговата состојба му посвети обемна статија особено затоа што десничарите во Јункер гледаат симбол на пропаста на ЕУ.

Јункер, пишува Шпигел „потекнува од време кога благо се гледало на тоа дали политичарите се болни, дали се жалат на болки или се љубители на добрата капка“.

Така долго време само упатените знаеле колку навистина биле големи проблемите со грбот на претседателот на САД Џон Кенеди. А за склоноста на Вили Брант кон алкохолот во седумдесеттите години отворено се зборуваше, и тоа не предизвика јасно згрозување. Денес од политичарите се очекува транспарентност. Нивниот авторитет зависи од тоа колку изгледаат свежо на телевизија, наведува неделникот од Хамбург во опширна статија.

Шпигел беспоштедните критики на сметка на Жан Клод Јункер им ги припишува пред се, на „популистите“.  „Противниците на ЕУ го дисквалификуваат шефот на Комисијата како симбол на една разнишана заедница и европска идеја која во нивните очи е болна. Тешкотиите на Жан Клод Јункер за нив не се приватна туку политичка работа“.

„И јас те сакам тебе“

Во помали кругови речиси секој бриселски новинар знае по некоја анегдота за тоа како Јункер се тетеравел или мирисал на алкохол, „но сомнежите во тоа дали дораснал на својата функција речиси никогаш јавно не се изразуваат“.

„Затоа приказната за Јункер е приказна за новинарството во европската престолнина. Во Брисел пријателите на Европа се држат заедно, и тоа не само кога ги напаѓаат од десно, популисти и националисти како што се Марин ле Пен во Франција или Хајнц – Кристијан Штрахе во Виена, туку и кога се појавуваат оправдани критики на сметка на раководниот персонал“.

Шпигел наведува дека откако Јункер стана важен функционер на заедницата ЕУ многу се променила, и оти денес со 28 земји членки таа за него е претешка задача кога станува збор за кризен менаџмент.

Во врска со неговото ноншалантно однесување кон другите политичари или соработници, тапкањето по рамо, галењето по глава, пријателското удирање шлаканица или вицкасти зборови,  тоа се „машки гестови со кои нема никакви лоши намери: тие повеќе се знак на неговата се поголема осаменост на чело на институција со 32.000 службеници“.

Но, потпаролот на Јункер „темпераментен Грк кој претходно бил пратеник на Европскиот парламент“, речиси е принуден редовно да објавува билтен за здравствената состојба на својот шеф. „Јас ги фаќам куршумите“ му вели тој на Јункер, а шефот му одговара: „И јас те сакам тебе“.

„Затоа што, Јункер има причина да биде благодарен. Во последно време се множат инциденти кои бараат објаснување“. „На Самитот во ЕУ во Рига во 2015 Јункер го поздрави унгарскиот премиер како диктатор, ги удира шефовите на држави и влади по рамо, ги бакнува во чело, се како да станува збор за конгрес на советски комунисти. На почетокот од минатата година во едно бриселско кафуле на забава по повод заминувањето на долгогодишниот шеф на работната група на ЕУ за еврото Томас Визер, алкохолот се служи во големи количини, на Јункер му откажуваат нозете, неговиот шеф на кабинет успева да го задржи и да го седне на едно столче. Зад сцената со недели се шушкаше во Брисел, но извештај за тоа објави само списанието Виртшафтсвохе“.

Осаменик

Шпигел наведува и случај кога минатата година во ирскиот Парламент Јункер повторно се тетеравел, тоа сите го виделе, а тој после рече дека има потешкотии при одењето поради ишијас и дека повеќе би сакал да беше пијан. Во текстот понатаму пишува дека „фотографии како тие се добродојдени во европската десница за да го подрива авторитетот на Јункер“.

Во врска со прашањето дали Јункер моментално на Европа „повеќе и наштетува отколку што и е од корист“, на него е тешко да се одговори. Затоа што „шефот на Комисијата е болен човек кој се бори со тешкотиите на староста и покрај тоа се обидува да ја работи својата работа“.  Во тоа има успех, некогаш не му оди, а има и моменти кои едноставно се „неприфатливи кога станува збор за шефот на најмоќната европска институција“.

„Јункер редовно пие алкохол како и милиони други луѓе, а дали е алкохоличар тоа мора да го кажат докторите и експертите за болести на зависности. Додека Шпигел со месеци го набљудувал Јункер, го следел на патувања, разговарал или кусо телефонирал со него, немало никакви невообичаени појави“.

Списанието наведува и дека советниците на Јункер понекогаш му велат на својот шеф дека е подобро да не оди на некој состанок, но оти тој останува „тврд“. Така на почетокот од јануари „и покрај зголемена телесна температура отиде да прими една медиумска награда“. „ Кога е расположен ЕУ не може да замисли подобар заговорник“.

„Се чувствува“, пишува Шпигел, „колку му недостасува близината на граѓаните а понекогаш и на новинарите“, нештата кои беа секојдневие во малиот Луксембург каде некогаш беше премиер, „а во Брисел навечер го чека само апартман во еден хотел“. Текстот завршува со фотографија од Јункер кој понекогаш излегува во малата градина зад хотелот и гледа дали од таму може да се гледа во неговата соба: „како да сака да провери колку изолирано живее“.

Дојче Веле /МИА