Граѓаните силно одговорија на јавниот повик за потпис и поддршка на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. За само неколку часа во канцелариите на ДИК низ земјава се собрани над 20.000 потписи за Пендарвски, рече денеска генералниот секретар на СДСМ Алаксандар Кирацовски.
Кирацовски, кој е и шеф на Изборниот штаб на Пендаровски, денеска во Битола и лично, со свој потпис, ја поддржа кандидатурата на претседателскиот кандидат.
-Граѓаните ширум државата масовно излегоа и дадоа потпис за нашиот кандидат за претседател на нашата држава. Од Охрид до Берово, од Тетово до Крива Паланка, од Битола до Скопје, Куманово…граѓаните масовно ја дадоа својата поддршка. Во историјата, оваа е единствената кандидатура за претседател на државата која е поддржана од над 20.000 граѓани, од 60 пратеници и од над 30 политички партии. Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци…сите заедно се обединија околу Стево Пендаровски, истакна Кирацовски.
Шефот на Изборниот штаб на претседателскиот кандидат Пендаровски, на средбата со новинарите во Битола изјави дека очекува голема победа и избор на Стево Пендаровски за иден претседател на државата.
-Ова големо обединување, оваа силна поддршка, ова заедништво најавува каков ќе биде изборниот ден на 21 април. На граѓаните, на нашата држава и е потребен вистински претседател, претседател кој гледа напред, кон перспектива и кој ќе ја води државата кон ЕУ и НАТО. Со еден збор, на нашата држава и е потребен Стево Пендаровски и затоа одиме кон голема победа за доброто на нашата држава и за иднината на идните генерации, нагласи Кирацовски.
На новинарско прашање во врска со изјавата на Пендаровски дека бил следен од разузнавачки служби блиски до опозицијата, шефот на Централниот изборен штаб одговори дека МВР повело истрага за тој случај.
-Штом иден претседател на држава изјавува за одредени индиции и алудира на одредено следење од одредени служби блиски на опозицијата, евидентно е дека постојат. МВР веднаш презеде инцијатива тие да бидат откриени и изведени пред лицето на правдата, рече Кирацовски.