Претседателот на Собранието, Талат Џафери, заедно со потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи, денеска оствари средба со претставници на Советот на Европската Унија за Западен Балкан, кои вторпат ја посетуваат Македонија во рок од шест месеци, со цел да ја утврдат фактичката состојба и да ги подготват заклучоците за Советот на Европската Унија во јуни оваа година.
Од собраниската прес-служба информираат дека Џафери, ги информираше присутните за постигнатите резултати во однос на реформските процеси од Планот 18 во делот на Собранието, како и во однос на резултатите и видливиот напредок во односите по потпишувањето и стапувањето на сила на Спогодбите со Република Бугарија и Република Грција, со што се остварија долгогодишните желби и стратешки цели на земјата за нејзино членство во НАТО и за можноста за добивање датум за почеток на преговори за членство со Европската Унија.
-Фактот што парламентите на осум членки за само пет недели го ратификуваа Протоколот за членство во НАТО и уште осум парламенти на членки најавија ратификација до јуни 2019 година, само по себе зборува за исправноста на преземените чекори од наша страна. Нашите очекувања се дека до Самитот во Лондон, земјата ќе стане 30-та членка на НАТО, истакна Џафери.
Тој изрази очекување дека актуелното мнозинство, заедно со опозицијата, заеднички работат за да ги заокружат своите обврски и следствено имаат реални очекувања истите да бидат валоризирани и Македонија да добие датум за почеток на преговори во јуни оваа година.
Од страна на претставниците на Советот на ЕУ за проширувањето на Западен Балкан, беа упатени честитки до Џафери за неговата конструктивна улога и за неговиот личен придонес за стабилизација на внатрешната политичка состојба особено по настаните од 27 април. Тие констатираа дека во изминатите години е постигнат значителен напредок во многу области во однос на реформската агенда, како и во односите со соседите, изразувајќи надеж дека овој евроинтеграциски процес е обединувачки проект во Собранието, кој е за доброто на сите граѓани.
Нивните очекувања беа дека мнозинството и опозицијата, во духот на конструктивниот дијалог, ќе продолжат со реформите и ќе ги заокружат останатите прашања, особено прашањето за статусот и иднината на СЈО, до состанокот на Советот за ЕУ за два месеца, кога треба да се одлучува за одредувањето датум за преговори за членство во ЕУ за Македонија.