Третата недела од Великиот пост се нарекува Крстопоклона. По вечерната на овој ден, после Великото славословие, Крстот торжествено се изнесува на средината на црквата и останува таму цела недела; после секоја служба се врши посебно поклонување на Крстот. Треба да се обрне внимание на тоа дека темата на крстот која доминира во сите химни од оваа недела, не зборува за страдањата на крстот, туку за победата и радоста. Па и повеќе од тоа, ирмосите на вториот Воскресен канон се земени од пасхалната служба „Воскресенија ден“ и целиот тој се јавува како парафраза на пасхалниот Канон.
Смислата на сето ова е јасна. Ја достигнавме средината на Великиот пост. Од една страна, физичкиот и духовниот подвиг, ако тој е сериозен и последователен, започнува да се пројавува, се чувствува умореност. Потребни ни се помош и ободрување. Од друга страна, претрпувајќи ја таа умореност, искачувајќи се на половината на гората, започнуваме да го гледаме крајот на нашето патешествие, и светлењето на пасхалната светлина станува посилно. Великиот пост – тоа е време на наше самораспнување, опит, макар и ограничен, на Христовиот повик, за којшто слушаме во евангелското четиво за тој ден: Кој сака са врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го зем крстот свој и нека оди по Мене (Мк 8,34). Но, не можеме да го примиме својот крст и да одиме по Христа, ако не го примиме Неговиот Крст, кој Он го зел за наше спасение. Нè спасува Неговиот крст, а не нашиот. Само Неговиот крст ни ја соопштува не само смислата, туку и силата на нашите крстови. Тоа и е објаснето во Синаксарот на Крстопоклоната недела:
Во оваа трета недела од постот го празнуваме поклонување на чесниот и животворен Крст од овие причини: бидејќи за време на четириесетдневниот пост на некој начин и ние се распнуваме… и искусувајќи тага, печал и униние, нам ни се предлага чесниот и животворен крст за да нè поткрепи и утврди и утеши, потсетувајќи нè на страдањата на нашиот Господ Исус Христос… Ние наликуваме на луѓе што одат на долг и тежок пат. Уморни, тие здогледуваат некое лиснато дрво со сенка, седнуваат под него да се одморат, па остатокот од патот го минуваат како обновени. Така и сега во ова посно време и тежок пат и подвиг, светите отци ни го посадија на средината (од постот) живоносниот Крст, кој ни дава олеснување и освежување, за да можеме остатокот од патот полесно да го минеме. Или, како што при доаѓањето на царот му претходат некои знаци, а потоа и самиот тој доаѓа, радувајќи се и веселејќи се на победата, со него се веселат и неговите послушници, така и нашиот Господ Исус Христос, сакајќи да ја покаже победата над смртта и славата што ќе дојде по Воскресението, го испрати напред Својот жезол, царското знамение – животворниот Крст, за да нè освежи и зарадува, и да нè подготви да Го примиме самиот Цар и, како светол победник, да Го прославиме. Средината од светата Четириесетница е слична на горчливиот извор (1Мојс 15,22-25): како што божествениот Мојсеј во него стави дрво и водата ја направи слатка, така и Бог Кој нè преведе преку духовното Црвено Море, со животворното дрво на чесниот и животворен Крст, со постот во Четириесетницата ја осладува горчливоста и нè утешува како оние во пустината, сè додека не нè воведе во духовниот Ерусалим со Своето Воскресение. Или, бидејќи Крстот се именува и е Дрвото на Животот, тој е она дрво на животот што беше засадено среде рајот. Така и божествените отци го засадија крсното дрво среде Четириесетницата, потсетувајќи нè и на Адамовото блаженство и за тоа како тој од него се лишил, и напомнувајќи ни, исто така, дека вкусувајќи од ова дрво ние веќе не умираме, туку оживуваме…
И така, закрепнати и ободрени, ние стапуваме во втората половина од Великиот пост.
протопрезвитер Александар Шмеман