Вашингтон, 1 април 2019 (МИА) – Државниот секретар на САД, Мајк Помпео денеска изјави дека преговорите за разрешување на прашањето за нуклеарната програма на Северна Кореја се одвиваат по принципот „чекор напред, чекор назад“.
– Претседателот Трамп јасно кажа дека нема временско ограничување, дека тоа ќе оди по принципот еден чекор напред, еден чекор назад. Знам дека напредувавме. Ким ми даде ветување, му вети и на претседателот Трамп дека ќе ја спроведе денуклеаризацијата. Нашата задача е да видиме како тоа ќе го направиме, рече Помпео.
Тој не прецизира колку долго ќе траат преговорите, но смета дека силните меѓународни санкции на властите во Северна Кореја ќе им дадат поттик да го забрзаат процесот.
– Во најдобар интерес за Америка е ова да се реши што е можно побрзо. Се надевам дека лидерите ќе се сретнат во наредните месеци за да го направиме првиот чекор, значајниот голем чекор кон денуклеаризацијата, рече Помпео.
Последната средба на американските претседател Доналд Трамп со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун беше во февруари, кога двајцата лидери не постигнаа никаков договор.