Грчката пратеничка Елисавет Скуфа во дебатата која се водеше за говорот на омраза во ПССЕ посебно инсистураше на тоа дека „мора да направиме разлика помеѓу говорот на омраза и политичката критика: критиката ја збогатува демократијата, додека говорот на омраза ја поткопува“, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Во таа прилика Скуфа го даде како илустрација склучувањето на Преспаснкиот договор со кој се реши повеќедеценискиот спор за името на нашата земја.
-На 25 јануари грчкиот парламент го ратификуваше Преспанскиот договор. Собранието на Северна Македонија претходно го стори истото. Овој договор стави крај на демонстрациите на агресивниот национализам и етноцентризмот во двете земји. Тој претставува основа за мирен соживот и заеднички развој на Балканот, нагласи Скуфа.
Сепак пратеничката од Сириза, која е член на грчката парламентарна делегација во ПССЕ, беше доста критична кон протестите што дојдоа по ратификацијата на договорот.
-Во деновите пред ратификација на договорот во Грција и Северна Македонија, доживеавме искуство на нетолеранција, изразена од групи и поединци кои припаѓаат на националистичко и етноцентрично движење. Го видовме тоа на телевизија, на фудбалски стадиони, па дури и во парламентот. Заканувачките банди одеа до горење куќи и возила или уништување на имоти. Јасно е дека многу навивачи на фудбалски клубови учествуваа во овие движења, нагласи Скуфа.
На говорот или изливот на омраза на спортските терени и на трибините на стадионите во својот говор се осврна и членот на делегацијата на Собранието на Македонија, Шпреса Хадри.
-Тотално е неприфатливо дека местата на спортот и оние каде етиката и вредностите на спортот треба да се дисеминираат сега се загрозени од расизам, ксенофобија и нетолеранција, рече таа.
Од своја страна Елисафет Скуфа е на мислење дека, политичката критика нема апсолутно никаква врска со конкретното напаѓање на групите поради нивната раса, религија, сексуална ориентација или политички убедувања.
-Ние мора да се бориме со сите средства против говор на омраза и говор на омраза. Демократијата мора да се брани од своите непријатели, рече грчката пратеничка.
Во тој контекст за говорот на омраза одеше и дискусијата на претседателот на делегацијата на Собранието на Македонија, Бетиан Китев, според кој „говорот на омраза нема никаква врска со слободата на изразување, бидејќи секој израз има последици. Навистина, иако слободата на изразување често се повикува, одговорноста што ја придружува оваа слобода е ретко таква.“
-Како политички лидери, ние мораме да бидеме свесни за нашата одговорност и да бидеме многу претпазливи со пораките што сакаме да ги пренесеме, додаде Китев.