Заклучно со февруари годинава од Централниот регистар се избришани вкупно 3.603 фирми по основ на недоставена годишна сметка, невпишан влог и неупис на поштенско сандаче, како и уште 3.200 субјекти поради ликвидација и стечај.
Како што соопшти денеска на прес-конференција директорката на Централниот регистар Марија Бошковска Јанковски, годинава, до денеска, се основани 2.637 деловни субјекти, а минатата година се регистрирани 7.378.
Бошковска Јанковски најави дека до крајот на оваа година треба да биде ставен во функција т.н. регистар на вистински сопственици кој подразбира обврска за секој потенцијален субјект да пополни соодветен формулар во кој ќе наведе каде и во колку компании има сопственост, кои се тие, каде има удел, колкава е висината на уделот, каде има акции и каде е евентуално претседател на управен одбор.
– Постојните субјекти ќе имаат рок од три месеци да се пријават, а при иницијална регистрација ќе треба да се пополни и пријава за регистарот на вистински сопственици. Законска обврска има секој да се изјасни каде има удел и сопственост. Кога ќе се погледне во регистарот точно ќе се знае каде некој има сопственост, удел, колкав е тој удел,.., објасни директорката.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со наводите на Антикорупциската комисија, Бошковска Јанковски ги отфрли како неточни наводите за наводен непотизам.
– Одговорно тврдам дека овде не постои непотизам. Сум постапила согласно сите законски прописи. Систематизацијата не сум ја менувала, туку ја затекнав. Стара е од 2007 година. Побарав средба и сега чекам одговор од Антикорупциска на која сакам да го докажам сето ова, напомена Бошковска Јанковски.
Во врска со ИВЗ, информира дека до Централниот регистар е поднесена пријава за упис на промена, а се добиени и две судски одлуки. – Централниот регистар почитува судски одлуки. Имаме рок од 30 дена и ќе одговориме согласно барањето на судот, подвлече директорката.
Осврнувајќи се на стратешките активности за наредниот период, Бошковска Јанковски ја посочи како клучна можноста на физичките лица, сами, без трошоци и регистрациски агенти, да поднесат пријава за упис преку системот за е-регистрација на Централниот регистар. Оваа можност, потсети, физичките лица како законски застапници на субјектот ја имаа и претходно, но не беа доволно информирани.
– На физичкото лице му е потребен само дигитален сертификат, а иницијалната регистрација во Централниот регистар е нула денари, подвлече директорката.
Новина е и тоа што се иницира проширување на категоријата регистрациски агент во која, освен адвокатите и сметководителите, би влегле и нотарите и проценителите.