Германската канцеларка Ангела Меркел повика на борба „без какви било табуа“ против неонацистите.
Повикот е упатен откако најверојатно симпатизер на неонацистите уби германски политичар кој се залагаше за политиката на Меркел за прием на мигрантите.
Насилните неонацисти треба да бидат искоренети, без било какви табуа. Затоа државата е повикана на таква борба, а сојузната Влада тоа го сфаќа многу сериозно, изјави Меркел во Дортмунд каде се одбележува Националниот ден на Протестантската црква.
Валтер Либке, лојален политичар на владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на 2 јуни беше убиен пред својот дом, а полицијата минатиот викенд уапси 45-годишен маж поврзан со неонацистичкото движење.
Убиството на Либке ја потресе Германија, каде се стравува од зајакнување на екстремниот десничарски тероризам.
Шефот на германската дипломатија Хајко Мас денеска на Твитер напиша дека Германија „има проблеми со тероризмот“.
– Имаме повеќе од 12.000 насилни екстремни десничари во земјата. Околу 450 дејствуваат незаконски и покрај налозите за апсење. Треба уште повеќе да се бориме, ниту милиметар повеќе за непријателите на слободата, истакна Мас.
Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер најави дека Владата ќе ги разгледа евентуалните уставни рестрикции за екстремната десница.
– Тоа убиство ме мотивира да направам се што е можно за да се зајакне безбедноста, посочи Зехофер.
Меѓу предвидените мерки се и ограничување на правото на изразување на интернет, вклучително и процесирање на лицата кои поттикнуваат омраза. Зехофер заговара екстремистите да бидат лишени од основните права.