Британскиот премиер Борис Џонсон пристигна на собирот на седумте најразвиени економии во светот, каде климатските промени треба да бидат на врвот на агендата, но наиде на критики бидејќи до Корнвол отпатува со авион, наместо со воз.

На неговиот профил на Твитер беше објавена фотографија како излегува од авион, заедно со објавата: „Стигнав во Корнвол за овогодинешниот Самит на Г-7, каде ќе побарам од моите колеги да се спротивстават на пандемија и да го правиме обновување на подобар, пофер и позелен начин.

Секретарот за животна средина во сенка од редовите на Лабуристичката партија Лук Полард го оквалификува потегот како „глупав“, пренесува Скај њуз.

„Нема железничка линија од Корнвол до Вашингтон или Токио, но има за Лондон. Премиерот требаше да се качи на воз, а не да добие авион“, рече тој.

Прашан за неговата одлука на Самитот да пристигне со авион, Џонсон рече: „Ако го нападнете моето пристигнување со авион, јас со почит укажувам дека Велика Британија е всушност водечка во развојот на одржливо воздухопловно гориво. Една од точките во планот од 10 точки на нашата зелена индустриска револуција е да се достигне млазен погон нула, како нето нула, вели Џонсон.

Критичарите посочуваат дека наместо да патува со воз од Падингтон во Лондон Џонсон го извозе патот од 400 километри од аеродромот Стенстед до Њукви во Корнвол. При летањето со авион се создаваат речиси пет пати повеќе емисии на стакленички гасови од еквивалентно патување со воз, според податоците на британската Влада.

Инаку, на тридневниот Самит во крајбрежниот регион Корнвол, се очекува  Џонсон да ги повика лидерите од Г-7 да соработуваат со цел да се стави крај на пандемијата, односно да се посветат на имунизацијата против Ковид-19 до крајот на следната година. Дополнително, Велика Британија има за цел да упати порака за соработка за позелени решенија со живописниот регион Корнвол, кој се смета за централен во секторот за зелена технологија на Велика Британија.

Г-7 е организација составена од седум најголеми напредни економии во светот Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД. Меѓу лидерите на земјите-гости поканети на Самитот оваа година се австралискиот премиер Скот Морисон, јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса и индискиот премиер Нарендра Моди.