Мене не ми е забрането да се дружам со некој политичар ако тој не е учесник во некаква постапка или ако нема кривично дело против него, изјави денеска во првото појавување во јавноста, новиот шеф на Обвинителството, Ислам Абази.
Македонија.

Во јавноста протекоа фотографии на кои може да се види новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, во друштво со членови на политичката партија ДУИ, со што падна во вода неговата изјава дека не го познава лидерот Али Ахмети и членовите на оваа партија.

Откако тој јавно пред новинарите изјави дека немал лични контакти ниту со лидерот на ДУИ Али Ахмети, ниту со друг функционер од ДУИ, на социјалните мрежи испливаа негови фотографии со високи функционери од редот на интегративците.

На едната фотографија се гледа новоизбраниот шеф Абази со Фихри Ахмети, брат на Али Ахмети, во опуштена домашна атмосфера, додека на друга тој е фотографиран со Невзат Бејта, член на ДУИ, експратеник и ексградоначалник на интегративците. На трета, пак, е во друштво со Дилавер Бектеши, обвинител од Кичево и истакнат член на ДУИ.