Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција оформи предмет по дописот на шоуменот и неформален сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски, кој е во затвор.
Тој бараше средба со шефот на ова обвинителство да поднесе кривични пријави и да му достави материјали, таканаречени „бомби“, кои, како што рече, сведочеле за висока корупција и криминал. Јовановски бараше средба со Абази, оти, како што вели, само во него имал доверба.
Сепак, Јовановски ќе се сретне со друг обвинител, не со Абази, оти тој предметот го распределил кај надлежен обвинител, јави Макфакс.
Јовановски прво доставил допис до Обвинителство, а потоа неговите адвокати го доставија тој допис до јавноста. Во него Јовановски наведува дека има материјали во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографии и видеа, за криминални дејствија на личности од највисоки државни структури од политиката, правосудството, бизнисот…
Јовановски е во затворот во Идризово. Тој е правосилно осуден на девет години затвор во „Рекет“, а на уште девет е првостепено осуден и за случајот „Меѓународен сојуз“, за перење пари и дела поврзани со измама.