Лидерите на земјите од Г-20 успеаја на самитот во Осака да усвојат заеднички пристап за решавање на проблемите и истовремено да не ги зголемат постојните разлики, рече јапонскиот премиер Шинѕо Абе, на крајот од самитот.
– Постојат многу различни мислења за Г-20. Велат дека е тешко да се најде заеднички став во овој клуб. Но, многу е важно што можевме да најдеме заеднички пристапи за многу проблеми, рече Абе на прес-конференција.
Во заедничко комунике од самитот, лидерите се заложија за промовирање „слободна, фер и недискриминаторска“ трговија и ветија дека ќе ги користат „сите политички средства“ за поддршка на глобалната економија, во услови на постоечки ризици.
Лидерите на Г-20 се обврзаа и дека ќе се борат против климатските промени, обидувајќи се да ги намалат емисиите на гасови работејќи на финансирање на одржлив развој и подобра иновација.
Во комуникето, исто така, се наведува дека ќе се разгледа широк спектар на чисти технологии и пристапи, вклучително и „паметни градови, екосистеми и пристапи базирани на заедницата“.
Од друга страна, САД во комуникето ја повторија својата одлука да се повлечат од Парискиот договор за климатски промени, „затоа што ги уназадува американските работници и даночните обврзници“.