Рускиот тајкун и сопственик на Челзи, Роман Абрамович денеска доби израелско државјанство и ќе се пресели во Тел Авив, објавија израелските медиуми.

Порталот „Јанет“, наведе дека Абрамович заминал во Тел Авив и дека добил документ со што се „потврдува неговиот статус како граѓанин на Израел“.

Официјална потврда за информациите засега нема. Ниту портпаролот на Абрамович не сакаше да коментира.

Неодамна израелските медиуми објавија дека Абрамович одлучил да земе израелско државјанство бидејќи му истекла работната виза во Велика Британија.

Како што јави МИА, тогаш беше објавено дека Абрамович (51) ќе купи куќа во Тел Авив.

Според податоците од „Форбс“, богатството на Абрамович е проценето на 9,1 милијарди долари.

Откако истече неговата британска виза, тамошните медиуми пишуваа дека визата не е обновена поради врските на Абрамович и рускиот претседател Владимир Путин, за што се огласи и портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, наведувајќи дека проблемот со британската виза на Абрамович не е во нивна надлежност.

Абрамович е чест посетител на Израел и има филантропски однос кон таа земја, како и кон еврејската заедница во Русија. Тој е добитник на специјална награда на Федерацијата на еврејски заедници на Русија поради што во последните 20 години донирал над 500 милиони долари за потребите на Евреите во Израел и во Русија.

МИА