Потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбр Адеми на денешната прес-конференција информира дека неговата партија почна со собирањето на потписи за претседателскиот кандидат Бујар Османи. Тој нагласи дека условот на ДУИ за коалицирање ќе биде промена на Уставот и претседател да се бира во Собрание.

-ДУИ како што најави лидерот Али Ахмети, започна со собирање на потписи за Бујар Османи за кандидат за претседател на нашата земја. По прв премиер Албанец, министерот за надворешни работи, тој за одбрана, државните правобранители, Народниот правобранител, претседателите на Уставниот, Управниот и Врховниот суд, претседателите на боречка, фудбалска, боксерска федерација, правобранители – дојде време да го отвориме патот и претседателот на биде Албанец. Сржта на идејата на лидерот Али Ахмети е претседател да се бира во Собрание, со двотретинско мнозинство на гласови и Бадинтер, за да се обезбеди општествен, надпартиски консензус, за да се овозможи со над 80 гласови и да се спречи техничкото надгласување само од двете поголеми македонски политички партии. Ова ќе биде ставот на ДУИ и за вториот изборен круг, и за парламентарните избори и тоа ќе го постигнеме. Само со гласање на најсилната албанска партија ќе се постигне ова, додаде Адеми.

Тој нагласи дека „дериватите“ на ДУИ, „предводени од разрешениот претседател на Алијанса за Албанците“, ја копирале целта на лидерот на партија Али Ахмети искажана на Вториот конгрес на партијата одржан во Скопје во 2009 година, претседателот на државата да се избира во Собранието со двотретинско мнозинство и според Бадентеровиот принцип, со цел да се обезбеди општествен, натпартиски консензус.

На новинарско прашање дали ДУИ очекува за Османи да добие гласови и од неалбански средини, како на пример во едно Пехчево во источниот дел на Македонија, Адеми рече дека очекува поддршка од сите граѓани.

-Секако дека очекуваме. Кандидатот д-р Бујар Османи во моментов се наоѓа во Обединетите нации каде ги застапува интересите на државата и ги претставува сите граѓани без оглед на нивниот етнички, културен, социјален, образовен бекградунд. Така што, и како претседател на државата бараме поддршка на Албанците и сите граѓани. Секако дека ќе имаме контакти и комуникација со сите граѓани, рече Адеми.

На новинарско прашање дали  ДУИ ќе го бојкотира вториот круг на претседателските избори доколку нивниот кандидат не помине, Адеми одговори дека бојкотот не е соодветно средство.

Адеми рече дека ДУИ е во добра комуникација со претседателот Стево Педнаровски.

Тој изјави дека Пендаровски направил голема грешка со непотпишувањето на указот за Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Потенцира дека тој со тоа ги штити Асоцијацијата на казината и обложувалниците.

Адеми очекува на пленарната седница закажана за на 28 февруари, Законот во трето читање да биде изгласан.

– На 28-ми е предвидена седница во Собрание, тоа е следна недела каде точка на дневен ред е токму овој закон и очекувам дека пратениците ќе бидат на страна на граѓаните, како и на страната на Движењето антикоцкање. Доста е со казина и обложувалници во секое ќоше секаде. И секаде, речиси и во дворовите на училиштата. Јас само една можам да ви кажам дека според правната рамка најдоцна во рок од 30 дена Собранието пак треба да се изјасни за Предлог-законот. Веќе добиваме поддршка од сите пратеници и со апсолутно мнозинство, со 61 глас очекувам дека на трето читање ќе биде усвоен овој закон и така ќе го штитиме интересот на граѓаните, рече тој.

Коментирајќи на одлуката на албанскиот Парламент да ја укине четиригодишната забрана во делот обложувањето по допис од Европската Комисија бидејќи премногу се коцкало на црно, Адеми рече дека таму се целосно затворени објектите на игрите на среќа и посочи дека законот во нашата земја не го вели тоа.

-Таму целосно се затворени и во Албанија и во Косово. Нашиот предлог не вели така. Нашиот предлог ако го читате вели дистанца од 500 метри, иако нашето барање беше илјада метри. Тој предлог беше доставен во редовна постапка во Комисијата за финансирање и буџет речиси пред три години. За две години кадарот на ВМРО-ДПМНЕ кој ја води Комисијата за финансирање и буџет не свикал седница за пратениците да може да го изразат нивниот став, а на крај со слободна волја и да гласаат, рече Адеми.

Обвини дека тоа е блокада и опструкција само да се штити интересот на мафијата, на казината и обложувалниците кои се отворени секаде.

-Кој е против донесувањето на овој закон? Кој протестира надвор? Кој протестира пред Собранието? Казината и обложувалниците. Кој е за овој закон – ДУИ и сите тие пратеници 55 кои гласаа на второ читање за донесување на овој закон, рече тој.

Адеми нагласи дека за овој закон има предлог и од Алијансата за Албанците со кој се предвидува казината да бидат сместени само во хотели со пет ѕвезди.

Прашан какви им се односите со претседателот Пендаровски по непотпишувањеот на указот за Законот за игрите на среќа и забавните игри, Адеми истакна дека имаат добра соработка и комунација со него.

-Ние имаме добра комуникација и соработка со г. Пендаровски. Како што истакна вчера и претседателот Ахмети му посакуваме добро здравје и успех, а во врска со непотпишување на законот за кој гласаше мнозинство на пратениците во Собранието најдобриот одговор го доби од самите граѓани. Сега се поставува прашањето на која страна сме ние, чиј интерес штитиме – на граѓаните, на движењето антикоцкање или сме на страната на казината, на обложувалниците кои веќе се отворени секаде, рече Адеми.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ДУИ ќе поддржи законски измени за продолжување на важноста на патните исправи, нагласи дека последиците за граѓаните ќе бидат поголеми ако не го почитуваат тоа што е договорено.

-Токму затоа што сме на страната на граѓаните не сакаме да преземеме некој чекор сега чиишто последиците сите ние тука ќе ги носиме. Сме преземале одговорност, сме преземале обврска и тоа треба да го почитуваме. Последиците за граѓаните ќе бидат поголеми ако ние не го почитуваме тоа што сме го договориле. Затоа, штитејќи го интересот на граѓаните, на сите нас постапуваме одговорно кон сите прашања, рече тој.