Судењето за предметот „Талир 2“ се одложува за 15 октомври со цел да се доуреди полномошното на адвокатите.
Предметот го води судијката Даниела Алексовска Стојановска, а застапник на обвинението е Ленче Ристоска од ОЈО Скопје.
Судијката Стојановска, ги извести присутните дека се сметаат за уредно повикани и за наредна расправа да се уреди полномошното и да се повика претставник на ВМРО – ДПМНЕ.
На денешното рочиште во судница беа присутни второобвинетиот Кирил Божиновски и застапникот на правното лице ДГ Бетон АД Скопје. За првообвинетиот Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, Судот информира дека е писмено известен оти тој не е достапен на органите на прогон.
На почетокот обвинителката Ленче Ристоска до Судот достави решение од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески дека таа е застапник на обвинението.
Ристоска од Судот побара на следното рочиште да биде повикан и претставник на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ, со оглед дека е замрзнат имотот на партијата.
Адвокатот на обвинетите Дончо Наков, на почетокот на денешното рочиште побара од Судот да му дозволи да се консултира со неговиот клиент дали му го продолжува овластувањето да го застапува, со оглед дека тој има овластување со друг број.
– Земајќи го предвид решението доставено од колешката Ристоска, со кое денеска се запознаваме. Го известувам Судот дека иницијалното полномошно со кое го застапувам мојот клиент е врзано со стариот број на предметот НСК 15/18 од СЈО, а не со предмет КО бр. 2917/19 на ОЈО Скопје. Барам Судот да ми дозволи да го запознаам клиентот со ова и да добијам овластување, изјави Наков.
Адвокатот Еленко Миланов посочи дека има законска пречка да се постапува по решението за распределба на обвинителката Ленче Ристоска и дека нема правна надлежност таа да го застапува обвинението.
Обвинителката Ристоска, рече дека за овој предмет и уште еден предмет кој е во фаза на судење се водела единствена истрага НСК 11/17.
– По раздвојување на предметот тој го доби бројот НСК 15/18. Без оглед на фактот дека е настаната промена на обвинител сметам дека нема процесни пречки за постапување по овој предмет, изјави Ристоска.
Во однос на легитимноста на решението од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, посочи дека државното ЈО ги има преземено предметите од СЈО и има целосна надлежност, со што нема законска пречка ОЈО Скопје да го застапува.
Адвокатот Дончо Наков, на тоа реагираше дека на неправо не може да се спротивстави со право.
– Јас сум легалист и не сакам да се добие впечаток дека одбраната само бара одложување на рочишта. Јас само укажав дека немам полномошно за конкретниот предмет и барам да го известам клиентот. Политиката и правната гимнастика доведе до тоа правото да може да се добие само надвор од државата, изјави Наков.
Во случајот „Талир 2“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски, кои, според обвинението на СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.
По излегувањето од Судот обвинителката Ристоска рече не сакаже да даде изјави и ги упати новинарите за сите потребни информации во иднина да се обратат до прес-службата ОЈО Скопје.