Измените на законите не ги „скратија крилјата“ на легалните лихвари со брзи кредити и не ги „спасија граѓаните“ од должничко ропство, вели адвокатот Јанаки Митровски во врска со вчерашното гласање за смени на два закона.
– Тоа е така бидејќи друштвата за брзи кредити не функционираат по Закон за облигации туку по Закон за заштита на потрошувачите при брзи кредити кој ги фаворизира до бол. Воедно тие не ги прават парите преку камати туку преку „трошоци“ за администрирање, пенали итн. Дополнително, искрено, не гледам зошто каматата не би го надминала главниот долг, ако се знае што е воопшто камата како правен институт. Една од најглупите дами што ги чув е дека намерно се чекало 9 години и 11 месеци за да се билда камата па после се давало на извршител. Да, мене некој ќе ми должи, јас ќе чекам толку време за да пропадне, да му се закачи друг итн и после десет години и три години постапка че чекам пари да земам. Настрана што ништо не го спречува должникот во меѓувреме да го намири долгот, вели Митровски во реакцијата што ја објави на својот профил на Фејсбук.
Како што објавивме, Собранието вчера ги усвои измените на Законот за облигациски односи и на Законот за извршување, со што, како што се наведува, стави крај на „должничкото ропство“ на граѓаните, кои често беа доведени во ситуација да плаќаат казнена камата, која го надминуваше и износот од главниот долг.