Имавме многу добра недела со тренинзите. Со нетрпение очекуваме да дадеме сè од себе, да играме подобро од првиот натпревар. Ќе направиме сè за да го освоиме трофејот, вели ракометарот на АЕК Марио Матиќ во изјава за официјалниот портал на клубот во пресрет на денешниот натпревар против Алкалоид, јави дописничката на МИА од Атина.
За денешното гостување во Скопје, по поразот за грчкиот тим од 25-29 во Атина минатата недела, од АЕК велат дека ракометарите „ќе дадат сè од себе против Алкалоид, во второто финале на ЕХФ Европскиот куп“, но и дека тимот е повикан да ја брка разликата на домашен терен за скопскиот тим“.
– Тимот на Фредерик Бужан соодветно е подготвена за многу голем натпревар, на тежок терен, како што е „Борис Трајковски“, пишува во текстот на сајтот на АЕК.
АЕК ќе биде без португалецот Жилберто Дуарте кој е повреден, додека пак од клубот на социјалните мрежи вчера објавија фотографија со сите ракометари предводени од Французинот Бужан и пораката „Верувајте во тоа“.
Грчките спортски медиуми во текстовите за денешниот натпревар, генерално коментираат дека атинските „жолто-црни“ се надеваат на пресврт во Скопје, иако ќе ги очекува исполнета сала, но и дека добро се подготвиле по првиот натпревар и поразот на домашен терен.
„АЕК оди на пресврт во Скопје и освојување на европскиот трофеј“; „АЕК бара изненадување во Скопје и втор Европски Куп на ЕХФ“; „Сè за пресврт и освојување на Еврокупот во Скопје – АЕК вечерва против Алкалоид во второто финале на ЕХФ Купот!“, се дел од насловите во спортските портали.
„Газета.гр“ пишува дека тренерот Бужан, по поразот во Атина „се осврна на многуте грешки што беа направени и кои не треба да се повторат“.
– Пред околу 6.200 гледачи, меѓу нив и навивачи на АЕК, сè е можно доколку грчкиот тим го покаже своето вистинско натпреварувачко лице за да го освои својот втор европски трофеј, по освојувањето на ЕХФ Европскиот куп во 2021 година против шведскиот тим Истадс, пишува порталот.
Дополнително ја пренесува и изјавата на голманот на Алкалоид Галевски, во која вели дека нема да биде лесно бидејќи АЕК е искусна и квалитетна екипа, но порталот коментира дека ни за АЕК задачата „сигурно нема да биде лесна, бидејќи Алкалоид имаат победа во сите пет натпревари на домашен терен во овогодишниот Европски Куп на ЕХФ“.
– Од сезоната 2015-16 и тогашниот ЕХФ Челинџ Куп, тимот што го освоил првото финале во седум од осум случаи последователно го освоил трофејот, коментира „Газета“.
Спортскиот портал „Еноси“, што е специјализиран за вести поврзани со екипите на АЕК во сите спортови пишува дека победникот на грчкиот куп „е повикан да направи пресврт по поразот од четири гола во првото финале (25-29), и да го подигне вториот европски трофеј во својата историја“.
– Тимот од петокот е во Скопје, а вчера го одржа последниот тренинг во друга сала, а не во онаа на „Алкалоид“, во која немаше слободни термини за АЕК. „Жолто-црниот“ тим, сепак, има голема верба и сигурност во своите капацитети и знае дека со добар настап, ништо не е невозможно. Дејвис и Арабаѕис се регуларно во тимот, додека повредениот Дуарте остана во Атина, пишува „Еноси“.
Порталот „Спорт фм“ коментира дека „АЕК сака да направи голем comeback во … Македонија и да го подигне Европскиот куп на ЕХФ по втор пат“, но и дека тимот е подготвен „да направи голем пресврт против Алкалоид“.