Кога безобразноста и дрскоста се присутни – мораме да вратиме со здрав разум!, порача градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески.
Тој потсети дека ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, под раководство на Данела Арсовска, е надлежно за собирање смет, празнење контејнери и чистење на сите општини на територијата на Град Скопје, а за таа работа се плаќаат од граѓаните на Аеродром.
Во изминатиот период, како што истакна Митески, повеќе од 10 дена не се празнат контејнерите и не се собира отпадот од домаќинствата во населбата Лисиче.
-Како општина поднесовме кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје и до Министерството за внатрешни работи. Одговорноста има име и презиме и таа мора да се детектира. Нашите комунални инспектори двапати ги казнија со по 80.000 евра, но попусто – кај нив не владее здравиот разум, истакна Митески.
Градоначалникот додаде дека, иако тоа не е во надлежност на општината, тимовите од Аеродром се самоиницијативно организирани и веќе чистат на целата територија – од Долно Лисиче до Мичурин.
-Благодарност до општините Илинден, Зелениково, Сопиште, како и до сите општествено-одговорни компании кои помагаат во целиот процес. Ќе издржиме уште 10 дена – Аеродром ќе го исчистиме!, порача Митески.