Бриселскиот меѓународен аеродром „Зевентем“ вечерва околу 21 часот е отворен за сообраќај, откако беше затворен нешто повеќе од еден час поради безбедносни причини, информира белгискиот авиопревозник „Брисел Ерлајнс“.
Нешто пред 20 часот сите полетувања и слетувања на „Зевентем“ беа откажани, откако воздушниот простор над аеродромот беше затворен за сообраќај поради тоа што во неговото подрачје биле забележани три дрона. Инцидентот го потврди и аеродромската управа, која на својата веб страница објави дека сите летови се откажани поради „пријави за дронови околу аеродромот“.
Сите авиони кои требаа да слетаат на „Зевентем“ во периодод додека тој беше затворен, беа пренасочени кон белгиските аеродроми „Остенде-Бриж“ и „Шарлероа-Јужен Брисел“ или во Ајндховен во Холандија или Лил во Франција.
Белгискиот јавен радиодифузен сервис јави и дека претходно денеска дронови биле регистрирани и над воените бази „Клајне-Брогел“ и „Флорен“.
Според полициски извори, утрово околу 6:30 часот граѓани пријавиле дека забележале шест дрона над воздухопловната база „Клајне-Брогел“.
Оваа база, во која се сместени припадници на силите на НАТО и се претпоставува дека во неа е складирано американско нуклеарно оружје, е во состојба на состојба на зголемена борбена готовност откако ан неа беа забележани дронови три ноќи по ред, од петокот, до неделата.
Во оваа база се стационирани белгиските ловци Ф-16, а од 2027 година таму треба да бидат лоцирани и новите борбени авиони Ф-35, што Белгија неодамна ги нарача од САД.
Во теков на денот дронови биле регистрирани и над воздухопловната база „Флорен“, каде се стационирани белгиски авиони-ловци.
Изминатиов период дронови беа регистрирани и над уште три белгиски бази.
Потеклото на овие дронови останува мистерија и иако сомнежите се насочени кон Русија, Министерството за одбрана на Белгија нема докази за да може да ги потврди овие претпоставки.




