Полицијата во неколку африкански земји трага по повеќе стотици лица заразени со коронавирусот, кои изминатите недели избегале од честопати нехигиенските и несоодветните центри за карантин.
Во Малави минатата недела повеќе од 400 луѓе кои беа вратени од Јужна Африка и други земји избегаа од импровизираниот центар на стадионот во Блантаер, а најмалку 46 од нив биле позитивни на коронавирусот.
Полицијата и здравствените власти соопштија дека не биле во можност да ги запрат бегствата затоа што недостасува соодветна заштитна опрема и средства.
Во Африка досега се потврдени повеќе од 130.000 случаи на коронавирусот, но се претпоставува дека реалниот број на заразени е поголем поради недоволното тестирање.