Бурунди е втората африканска земја која соопшти дека не и требаат вакцини против Ковид-19, во момент кога дозите вакцини конечно почнаа да пристигнуваат на континентот во кој се регистрираат голем број смртни случаи.
Министерот за здравство на оваа источноафриканска земја,Тади Ндикумана, синоќа изјави дека превенцијата е поважна, бидејќи повеќе од 95 проценти од пациентите заздравуваат, па затоа тие проценуваат дека вакцините се уште не им се потребни.
Министерот воедено најави и нови мерки против пандемијата.
Бурунди од минатиот месец ги затвори своите копнени и поморски граници.
Во моментов во земјата има над 1.600 потврдени случаи на коронавирус.
Соседна Танзанија неделава прва соопшти дека не планира да ги прифати вакцините против Ковид-19, откако претседателот Џон Магуфули изрази сомнеж во нив, без да обезбеди докази.
Тој инсистира на тоа дека земјата „одамна со Божја помош го победи вирусот“, но се соочува со зголемено незадоволство од граѓаните.
Претставниците на африканските Центри за контрола и превенција на болести и Светската здравствена организација ја повикаа Танзанија за соработка.
Претходната влада на Бурунди, што беше предводена од починатиот претседател Пјер Нкурунзиз, исто така, беше критикувана затоа што не ја сфаќа сериозно заразата со Ковид-19. Но, актуелниот претседател Еварист Ндајисими минатата година вирусот го опиша како „најголемиот непријател на Бурунди“.
Минатиот месец, тој на религиозен состанок во политичката престолнина Гитега изјави дека новите случаи на Ковид-19 се божествена казна за кршење на заклетвата за сузбивање на корупцијата.
-Кога лидерите не ги исполнуваат ваквите ветувања, целото семејство мора да биде казнето, рече претседателот Ндајисими.с