Јавниот обвинител на Република Македонија Љупчо Коцевски денеска оствари средба со Амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер, со која меѓу другото дискутираше за состојбите во Јавното обвинителство, но и за предизвиците со кои се соочува институцијата, најмногу од аспект на материјалните и кадровските ресурси.
Коцевски се заблагодари за поддршката која САД ја даваат за обвинителството, особено за воспоставувањето и опремувањето на истражните центри во Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
-Амбасадорот Агелер истакна дека поддршката на САД ќе продолжи на сите нивоа кон сите поединци што работат со интегритет и тие кои се посветени да ги дадат најдобрите услуги на граѓаните, додавајќи дека од воспоставувањето на стратешкото партнерство на САД со нашата земја американската финансиска поддршка за целокупниот систем за владеење на правото изнесува околу половина милијарда долари, информираат од Обвинителството.
Амбасадорката Агелер оствари средба и со сите обвинители во републичкото обвинителство и се информираше за тековните активности поврзани со следење на евентуални нерегуларности поврзани со претстојниот изборен процес.