Драги пријатели,
Пред три години пристигнав во Скопје како десетти амбасадор на Соединетите Американски Држави во оваа прекрасна земја. Тогаш, како и денес, бев исполнета со понизност и длабоко почестена од извонредната привилегија да ја претставувам мојата голема нација во вашата.
Кога ја презедов оваа улога, реков дека имам огромна верба во силата и храброста на народот на … Македонија. Оттогаш, таа верба повторно и повторно се оправдуваше, се обновуваше и се зацврстуваше.
Исто така реков дека силно верувам оти времето за вистински промени – за зајакнување на економскиот раст, енергетската независност, судската интегритет, образовната извонредност, културната отпорност и европската интеграција – е токму сега. Во некои области, работејќи заедно, постигнавме вистински напредок. Во други, работата продолжува.
2025 година ја одбележа 30-годишнината од билатералните односи меѓу САД и … Македонија, иако нашето партнерство започна и порано. Повеќе од три децении, заедно му покажувавме на светот што можат да постигнат силата, компромисот и трпеливата решителност. А во изминатите три години, ги покажавме и конкретните резултати од вистинското пријателство и конструктивното партнерство.
Тоа значи реален план за исполнување на целите на НАТО како сериозен сојузник; набавка на современи тактички возила што се користат во големи мултинационални воени вежби во Криволак или во земјите партнери на НАТО. Тоа значи значителен напредок на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на земјата, кој ќе ги отвори стратешките коридори 8 и 10 на НАТО и ќе придонесе за поголема регионална безбедност и значително унапредена трговија меѓу соседите.
Тоа значи разобличување на корупцијата и криминалните организации, придонес кон судските реформи дури и кога повратот од тие напори е мал, и санкционирање на оние кои со години неказнето ве ограбувале. Тоа значи работа на создавање можности и надеж во заедници каде тие избледеле. Тоа значи поттикнување реален економски раст, вистински напредок во инфраструктурните и енергетските проекти, како и соработка за изработка на физибилити-студии што ќе овозможат развој на ретки минерали, сајбер-безбедност и одговорно управување со животната средина. Тоа значи соработка во технологијата, здравството, транспортот, разузнавањето и образованието. Тоа значи зачувување на вашето културно наследство со почитта што ја заслужува како светско богатство. И постигнавме напредок во многу од овие области.
Во овие три години, нашето партнерство прерасна во вистинско и длабоко пријателство со многумина од вас што ги запознав низ целата земја. Ме примивте во вашите училишта, цркви, судници, домови, фарми и винарии. Понекогаш имавме тешки и искрени разговори за прашања што се важни за двете наши земји и не секогаш се согласувавме – што е во ред. Ми ги споделивте вашите соништа, визијата за земјата што ја сакате, вашите разочарувања, па дури и тагата по загубата на саканите.
Засекогаш ќе ги чувам приказните, соништата, визиите, мудроста, фрустрациите и радоста што ги споделивте со мене.
Има нешто магично во оваа земја – нејзината неверојатна убавина, историја, традиции, култури; нејзините контрадикторности и извонредната издржливост и изненадувачкиот хумор на луѓето и во најтешките моменти. Сето тоа го споделивте со мене, и ја напуштам Северна Македонија со чувство на огромна благодарност за вашата добрина, великодушност и за силата што знам дека ја имате да ја надминете секоја пречка пред вас.
Соединетите Американски Држави СЕКОГАШ ќе бидат покрај вас, верувајќи – како што веруваат и многумина од вас – во сонот за посилна, попросперитетна, побезбедна и целосно интегрирана евроатлантска партнерка и сојузничка.
Ве оставам со последна порака на надеж: ова е вашата земја и секој од вас заслужува таа да биде земјата за која сонува. По три години, сè уште ја негувам огромната вера во силата и храброста на народот на … Македонија. Бидете добро, бидете храбри, бидете силни – и јас ќе навивам за вас на секој чекор.
— Амбасадорка Анџела П. Агелер




