Верувам дека имало преседани, не мислам пред декади, но имало преседани каде амандмани се изгласувале за време на техничка влада. Една од работите кои јас ги научив служејќи овде е дека сè е возможно“, вели американската амбасадрока во интервју за ТВ 21.
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, Анџела Агелер верува дека на престојните избори (парламентарни и претседателски) ќе се одлучи иднината на државата.
Агелер ова го вели во интервју за ТВ 21, во кое посочува оти искрено верува дека станува збор за клучен период за државата.
„Ова е интересно време. Време на големи промени. Знаете дека и претходно имам служено овде. Сега сум овде речиси година и половина (како амбасадор н.з.). Искрено верувам дека ова е клучен период за државата. Следуваат избори. Има проблеми. Потребни се отворени дискусии за да можат граѓаните да разберат какви проблеми постојат, кои се платформите на политичките партии и да донесат важни одлуки. Верувам дека иднината на оваа држава на многу начини ќе се одлучи на овие избори“, вели Агелер во интервјуто, кое во целост ќе се емитува вечерва во 20:45 часот.
Прашана за коментар на изјавите кои се почесто доаѓаат од партиите на Албанците, било од власта или опозицијата, дека прво треба да се изгласаат уставните измени, па потоа да се формира влада по изборите и дали тоа е изводливо, Агелер вели дека и во минатото имало преседани кога амандмани се изгласувале за време на техничка влада.
„Јас сум го слушнала тоа, сум слушнала неколку различни опции, за тоа како тоа би било возможно. Верувам. Верувам дека имало преседани, не мислам пред декади, но имало преседани каде амандмани се изгласувале за време на техничка влада. Една од работите кои јас ги научив служејќи овде е дека сè е возможно“, вели Агелер.