Во периодот јули – декември 2021 година во државава се запишани 4.400  товари врз недвижностите со вкупна вредност од 1.424.429.882 евра и 13.636.862.460 денари, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности.

Во Центарот за катастар на недвижности Скопје се запишани 1.636 хипотеки во вредност од 727.618.991 евра и 6.552.248.496 денари, а во останатите 29 подрачни одделенија за катастар на недвижности 2764 хипотеки во вредност од 696.810.891 евра и 7.084.613.964 денари, стои во Извештајот за работата на Катастарот за втората половина од 2021.

Во периодот јули – декември 2021 година во базата на Регистарот на цени и закупнини се внесени 17.817 трансакции, од кои 13.747 продажби на недвижности и 4.070 закупи на недвижен имот.

Бројот на купродажби во втората половина од  минатата година е зголемен за 3.700 во однос на истиот период од 2020 година година кога имало 10.106, а зголемување има и кај закупите од 3.315 на 4.070.

Вкупниот број на нерешени предмети на Катастарот за периодот јули – декември 2021 година изнесува 1.300 и бележи намалување  споредено со истиот период 2020 година кога таа бројка изнесувала 1.667. Исто така, заостанатите предмети кои го надминуваат времетраењето за постапување подолго од еден месец, за разлика од периодот јули – декември 2020 година кога нивниот број изнесувал 137, во периодот јули – декември 2021 година е намален на 69.

Вкупниот процент на предметите кои се во процес на решавање (нерешени предмети) на крајот од декември 2020 година и крајот од декември 2021 година, бележи намалување за 22 проценти така што нерешените предмети од 1.667 се намалиле на 1.300.