Агенцијата за поддршка на претприемништво и оваа година објави Јавен повик за спроведување на стандардизирани услуги на менторство за микро, мали и средни претпријатија, што е отворен до 12 април.
Услугата на менторство е бесплатна и се одвива според методологијата која е развиена во соработка со Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЈИЦА), а има за цел да обезбеди сеопфатна поддршка за непречен развој и постигнување на подобри резултати на стопанските субјекти на Македонија, соопшти Агенцијата за претприемништво (АППРСМ).
Заинтересираните бизнисмени на располагање ќе имаат бесплатно стручно лице – ментор, кој ќе работи директно со сопственикот (правниот застапник, менаџерот) на претпријатието, одреден број на часови (50 часа по корисник). Сопственикот (застапникот, менаџерот) и менторот заедно ги проучуваат актуелното работење, причините за моменталните проблеми или пречките за понатамошниот развој, најважните потенцијали за пораст, и врз основа на констатираната состојба менторот и корисникот на услугите подготвуваат Акциски план или План за развој.
Стандардизираните сет услуги за микро, мали и средни претпријатија ќе се реализираат преку овластени ментори, работно ангажирани во рамките на Регионалните центри за развој МСП кои се дел од Институционалната мрежа за поддршка на претприемништво и МСП, стои во соопштението на Агенцијата.
Услугата се однесува на бесплатни менторски услуги за новосоздадени микро, мали и средни претпријатија, не постари од три години од денот на објавување на Јавниот повик и претпријатијата со работење подолго од три години (регистрирани пред февруари 2016), кои се наоѓаат во критичен момент за нивниот понатамошен развој или опстанок на пазарот.
Право на учество на Јавниот повик за добивање на бесплатни менторски услуги имаат микро, мали и средни претпријатија кои ги исполнуваат следните услови: регистрирани се на територијата на Република Македонија со доминантно домашен капитал; ги подмириле сите јавни давачки по основа на даноци и придонеси; не вршат деловна активност во рамките на воената индустрија и не организираат игри на среќа/лотарија;
Пријавите со сите придружни обрасци и документации се поднесуваат лично или препорачано во Регионалните Центри во Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Велес, Струмица и Охрид со забелешка: „Пријава на јавен повик за добивање на менторски услуги во 2019 година“.
Јавниот повик за бесплатно менторство е отворен е до 12 април 2019 година, а обрасците за пријава и адресите на Регионалните центри достапни се на интернет страницата на АППРСМ: www.apprm.gov.mk. Заинтересираните можат да се обратат во Регионалните центри или АППСРМ преку електронската адреса mentoring@apprm.gov.mk.