Шеесет и петтиот роденден на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој го прослави вчера, не остана незабележан во јавноста. Роденденски честитки доби од своите сопартијци, а меѓу најистакнатите беше онаа на првиот вицепремиер и министер Артан Груби. Дел од честитката со која тој му го честита роденденот на својот партиски шеф беше видеоснимка од пред две години на која Ахмети заедно со пејач од Косово и неколку музичари, во весела атмосфера, пее во просториите на Министерството за политички систем со кое раководи токму Груби.
Утринава на социјалните мрежи и во дел од медиумите се појави и фотографија од синоќешната прослава на роденденот на првиот човек на ДУИ. Фотографијата, која ја пренесе Телма, е објавена на фејсбук-профилот на братот на Ахмети, Фекри Ахмети, инаку татко на Дрин Ахмети – косопственикот на Трговскиот центар „Соравија“, кој неодамна беше фатен со полн багажник пиротехника.
Според фотографија, Ахмети и неговиот брат заедно со уште две лица, со роденденски капи на главите, седат опуштено во домашна атмосфера симболично одбележувајќи го роденденот.
Фотографијата е направена паралелно со вчерашниот инцидент во М-НАВ и нападот на дел од вработените, во кој учествувал и претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир и вработен во Македонската навигација, Беким Незири.