Европскиот фронт со конференцијата „100 дена скандали, омаловажувања, понижувања, неуспеси“ денеска во Скопје започна опозициска кампања во којашто посочува на сите неуспеси на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди ЗНАМ: Најавија дека преку прес-конференции ќе укажат за неуспесите на Владата, а потоа на терен ќе имаат средби со граѓаните. Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети порача дека не се заинтересирани да бидат дел од оваа Влада и упати низа критики до владиниот коалиционен партнер „Вреди“.
„Албанците во Република … Македонија се субјект, а не објект. Албанците денес водени од објект што се вика ‘Вреди’, како камен што друг го дотерува како што сака. Фронтот ќе продолжи секој ден со прес-конференции, затоа што Албанците не го заслужуваат ова понижување“, рече во својот говор Ахмети. Претходно на прес-конференција пратеничката на Коалицијата „Вреди“Саранда Имери, рече дека „криминалното раководство на ДУИ и неговите сателити, Зијадин Села и Мендух Тачи, прават претстава за бркање на уплавот од нивното соочување со правдата“.
Европскиот фронт, кој веднаш по изборите ја започнабитката за легитимитетот, откако Владата одлучи да влезе во коалиција со Вреди, порачува дека без избори нема да бидат дел од ничија влада. Тие сметат дека е време да му покажат на премиерот Христијан Мицкоски кои се црвените линии и до каде има право да постапува со овој народ.
„Не сме заинтересирани да станеме дел од оваа влада, бидејќи не сме резервна гума, па да ја ставаат кога имаат дефекти на патот“, рече Ахмети.
Тој смета дека не треба да се подгреваат меѓуетничките односи во време кога Европа е во војна и кога се вжештува ситуацијата на Блискиот Исток. „Ние не сакаме да се вратиме назад. И Европа, ако ги отвори овие прашања, ако ја отвори Пандорината кутија, не се знае каде ќе завршат работите, а уште помалку не треба кај нас да се отвори Пандорината кутија во Македонија, но и во Западен Балкан, затоа што работите одат толку далеку што нема решение кое може да ги среди работите што ќе излезат од оваа кутија. Ние сме држава со демократија и сензитивни меѓуетнички односи. Затоа, како што инвестирале албанските партии во изминативе 23 години во добри меѓуетнички односи, така треба да работат и партиите на Македонците“, порача Ахмети.
Лидерот на ДУИ повика на ветинг и отворање на истрагите за приватизација во последните 30 години. „Ајде да отвориме истрага за сите функционери, за потеклото на нивното богатство, но не може, бидејќи тие станаа милионери и милијардери. Ќе влеземе во сите овие процеси“, рече тој.
Зијадин Села ги повика „Вреди“ да ја напуштат моноетничката Влада и антиалбанизацијата на институциите. „Откако се тие на власт, Албанците се обесправени. Тие 100 дена ги газат Албанците. Премиерот им вели среќен пат, тие глас не пуштија. За законот за бранителите се криеја зад храброста и решителноста на Илире Даути“, рече Села.