Војната на УЧК беше уникатен случај, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети, како поранешен врховен командант на УЧК, на откривањето споменик на борец на УЧК во тетовско Вејце.
– Од една страна се наоѓаше цела една војска, а од друга страна беше народот. УЧК во војната постигна успех, бидејќи народот беше со нас за сето време на војната, но е и денес, од Липково до Струга, вели Ахмети.
Тој, како што објавија повеќе медиуми, нагласи дека го радува фактот што тие излегле „како победници со противниците, победници во војна, во дипломатијата, победници и во меѓународната правда“.
Ова го објавија весникот на албански јазик Лајм и други медиуми на албански јазик во Македонија и на Балканот, информирајќи за вчера одржаниот собир во тетовското село Вејце на падините на Шар Планина, кога беше откриен штотуку изградениот споменик на извесен Лезам Рамадани- Ла Џам, наведен како „ветеран на УЧК“ во борбите во Косово, Прешевската Долина во Србија и во во Македонија во 2001 година.
Како што пренесе порталот Експрес, покрај тоа што ја искажа „воената порака“ дека „се непобедливи, бидејќи со нив се Албанците од Липково до Струга“, Ахмети истапи не само како „поранешен врховен командант на УЧК“, туку упати и политички пораки до „противниците“ денес:
– Хеликоптерите ги потресуваа пештерите, мислејќи дека сме биле засолнети таму. Но, во 2001 ние не се засолнувавме во пештери, бидејќи нè поддржуваше народот, тој беше со нас. Тоа е уникатен случај: од една страна се наоѓаше една војска, а од друга страна беше народот. Овде е и клучот на нашиот успех, што останавме непоразени од северот на Липково до југ на Струга. Ние бевме пoбедници, бидејќи ги поразивме противниците во судирите. Победници сме со противниците, победници во војна, во дипломатијата, победници сме и во меѓународната правда. Има уште многу да се сработи, но имаме толку многу енергија и луѓе, што не нè плаши ништо, што и да ни излезе пред патот, рече Ахмети, пренесува Експрес.
Вчера е откриен споменик на загинат борец од УЧК, а во Вејце постојано се крши спомен обележјето за осумте припадници на македонската војска и полиција кои во заседа беа убиени и масакрирани кај истото село.