Претседателот на ДУИ Али Ахмети во седиштето на партијата во Тетово се сретна со евроамбасадорот Михалис Рокас.
Ахмети и Рокас, како што информира ДУИ, разговараа за сите политички прашања во нашата земја, за неопходните реформи за европска интеграција, за легитимитетот и Охридскиот договор и за изборите во Македонија.
Ахмети, како што се наведува, го информира амбасадорот Рокас дека ДУИ е партија која ни за момент не се колеба од својата евроатланска определеност и ориентација.
– За нас евроинтеграциите се без алтернативи и ДУИ дава целосна поддршка за продолжување на преговорите и спроведување на реформите без никакво одлагање и со политички консензус, изјавил Ахмети.
Во однос на Охридскиот договор, Ахмети потсети дека ЕУ и САД се гаранти на мировниот договор и дека меѓуетничките односи се, како што се наведува, многу оптоварени со непромислените чекори на владата во однос на албанскиот јазик, етничката припадност, правичната и соодветна застапеност итн.
– С. Македонија и Македонците не изгубија ништо од рамноправноста со Албанците, а државата воопшто не е загрозена од спроведувањето на Охридскиот договор. Политичкиот дијалог во државата мора да го почитува изборниот легитимитет на легитимните претставници на етничките заедници бидејќи тоа овозможува стабилност, безбедност и социјална кохезија, се вели во соопштението.
Ахмети, како што се наведува, повтори дека решението за оваа тешка ситуација се заедничките парламентарни и локални избори во октомври 2025 година.
Фото: ДУИ