Првите знаци дека Алијансата за Албанците ќе ја напушти коалицијата Вреди се видоа кога Арбен Таравари изјави дека има канали за комуникација со ДУИ, а тоа го потврди и лидерот ДУИ, Али Ахмети.

– Како што изјави и Таравари имав краток телефонски разговор со него и ништо повеќе, рече Ахмети, објави ТВ 21.

Според Таравари, пренесува натаму ТВ 21, причината поради која Алијанса не постигна договор со другите лидери на Вреди било тоа што тој сакал да оди на локални избори со посебна советничка листа, а за што другите не се согласиле.

Ахмети, пак, додава дека има уште една причина:

-Со вклученоста на политичките партии од Вреди во извршната власт на Македонија, тие ги девалвираа и ги понижија Албанците во оваа земја. Постојано ги повикуваме да ги напуштат институциите, за да не станат дел од понижувањето. Да не бидат дел од девалвирањето на Албанците… Таравари ги сфати позициите на Албанците во Македонија дека нему како на аргат му кажуваат агите што да прави. Тој го разбрал ова порано. Посакувам тоа да го разберат и другите, вели Ахмети.