Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), вчера, по добиена телефонска дојава за сомнеж за труење со храна во РЕК „Битола“, во соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола, Институтот за јавно здравје – Скопје и инспектори на Државниот санитеран и здравствен инспекторат, спроведоа вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот што вршел снабдување со храна на РЕК „Битола“.
АХВ соопшти дека во координирана акција земени се мостри од храна и брисеви од работните површини, рацете и носот на затекнатите вработени лица во кујната.
Во согласност со Националниот протокол за постапување во случај на сомнеж за појава на алиментарни инфекции и интоксикаци, кујната на операторот со храна е привремено затворена, односно дадена е забрана за вршење дејност подготовка и послужување храна од неа сè до завршување на инспекциската постапка и добивање уредни наоди од лабораториските испитувања на земените мостри и брисеви.
Наредено е вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица. Инспекциската постапка продолжува, наведуваат од АХВ.
Во меѓувреме, од РЕК „Битола“ потврдија дека привремено е затворена кујната, а работниците од синоќа и денеска добиваат сув ладен оброк, информираа од комбинатот.
Одлуката на санитарната инспекција доаѓа по вчерашната појава на здравствени проблеми, стомачни тегоби, кај работници на РЕК „Битола“, кои јаделе лазања со сос.
Во текот на вчерашниот ден, до 15 часот беа регистрирани 81 преглед во Инфективното одделение на ЈЗУ Клиничка болница – Битола, а ноќеска и претпладнево лекарска помош побарале уште 30 лица.
Со кујната во РЕК „Битола“ управува хотелот „Молика“, од каде што потврдија дека здравствениот проблем е изолиран случај бидејќи секојдневно од кујната на хотелот за работниците во РЕК „Битола“ се испорачуваат приближно 1.600 порции храна, а здравствен проблем е регистриран само кај одредени работници со лесна клиничка слика.
Фото: Архива




