АКАТИСТ КОН УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА – ГОЛЕМА БОГОРОДИЦА

Кондак 1

Тебе, избраната од сите родови, Божјата Мајка и Царица, Која се вознесе од земјата кон небесата, побожни песни Ти принесуваме, ние Твоите слуги, за Твоето пречесно Успение, Богородице: Ти Која имаш победа над смртта, од сите смртоносни неволји избави нè, за да Ти повикуваме: Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Икос 1

Ангел претстател беше испратен да Ѝ каже на Богородица за Нејзиното надземно вознесение, и го наговестуваше доаѓањето кај Неа на Нејзиниот Син и Бог; и за Неа светло блескаше и стоејќи повикуваше вака:
Радувај се, преизрадувана Мајко на Царот;
Радувај се, Небесна Царице, Мајко на Бога и Господа на небото и земјата.
Радувај се, удостоена со величенственото пришествие на Твојот Син и Бог при Тебе;
Радувај се, возвеличена со известувањето за Твоето заминување кај Твојот Син.
Радувај се, Богоизбрана од сите родови;
Радувај се, свето Сместилиште на Словото Божјо.
Радувај се, Исполнување на пророчките кажувања;
Радувај се, пречесен Венецу на апостолите.
Радувај се, Украсу на светителите и Убавино на свештениците.
Радувај се, укрепување и Сило на царевите;
Радувај се, издигнување на богомудрите монаси кон Вишното Царство;
Радувај се, зашто ги отвораш рајските порти за родот христијански, кој секогаш Те ублажува.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Кондак 2

Гледајќи го Апостолскиот хор, со сесилната заповед земен на облаци од сите краишта на земјата за Твоето пречесно Успение, Пренепорочна, свештеноначалниците: Дионисиј – небесниот тајник, Јеротеј – прекрасниот, и Тимотеј, со Боголепната чест на свештенството, Му пееа на Бога: Алилуја!

Икос 2

Сето разумно создание и највисоките Ангелски Чинови, дојдоа со својот Цар, Кој ја прими во Своите животодавни раце душата на Својата Мајка; а пламениот во верата Петар, со солзи многу нешта кон Неа изрече, велејќи:
Радувај се, Мајко на Создателот на светот, Која заминуваш кон небесата;
Радувај се, поширока од небесата, Која Си воздигната кон небесните пространства.
Радувај се, зашто со Твоето вознесување ги освети четирите стихии;
Радувај се, зашто со Твоето преминување ги развесели небесните жители.
Радувај се, зашто Си примена во небесниот прекрасен Ерусалим;
Радувај се, зашто со радост влегуваш во неракотворните храмови.
Радувај се, Царице на Херувимите и Серафимите;
Радувај се, Владичице на Архангелите.
Радувај се, Прибежиште и Избавување на верните;
Радувај се, Помош и Заштито на Твоето наследство.
Радувај се, Застапничке пред Бога за сиот свет христијански;
Радувај се, предобра Дарителке на секакви богатства.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Кондак 3

Силата на Севишниот го грабна Тома од Индија, кој по Божја волја не беше присутен на пречесното Успение на Богомајката, и го постави пред живоприемниот Нејзин гроб, а тој, пак, се наведна очекувајќи да ја види Преставената, па откако сфати дека Таа се вознела на небесата со тело, поверува и повика: Алијуја!

Икос 3

Имајќи во себе помисли ученикот, како по Божја промисла не беше заедно со другите при погребението на Богомајката, се израдува поради Нејзиното бесмртно Успение, повикувајќи Ѝ вака:

Радувај се, зашто Твојот Син во дланките Те зеде од земјата;
Радувај се, зашто Си земена во висините за да се насладуваш на славата Негова.
Радувај се, придружувана од сите Ангелски Чинови кон небесата;
Радувај се, носена од Херувимите во Небесата и Наднебесата.
Радувај се, велелепно, со песни, од вишните Сили вознесена кон портите Небесни;
Радувај се, опкружувана и ублажувана од сите небесни жители.
Радувај се, земно Небо, кон горните населби воздигнато;
Радувај се, Престолу Господов, вознесен од земјата во Царството Небесно.
Радувај се, наше Претстателство и цврсто Застапување;
Радувај се, Застапничке на грешниците за нивно спасение.
Радувај се, Царице на христијаните, и по Бога надеж за Царството Небесно;
Радувај се, Мајко на Животот, и по Господа наша надеж за вечен живот.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Кондак 4

Имајќи во себе бура од невернички помисли, и гледајќи како Апостолите го носат пречесното тело на Богомајката кон гробот, Евреинот Атониј се обиде да го преврти: одеднаш, кога со ослепувањето на очите, неговите раце беа отсечени и останаа да висат на одарот, со вера Ја исповедаше Мајката Божја, повикувајќи кон Бога: Алилуја!

Икос 4

Ги слушнаа тајниците и очевидците на Словото Ангелите како пеат небесни химни, при погребението на богоугодното тело на Мајката Божја, и сакајќи да Ѝ оддадат чест на Богоугодната, побрзаа заедно да Ѝ запеат, велејќи:

Радувај се, зашто прими вест за Твоето преселување во Царството Небесно;
Радувај се, зашто од благовесникот Гавриил радосно прими гранче рајско.
Радувај се, зашто го просвети пречесното мноштво Херувими;
Радувај се, зашто ги израдува преславните Серафими.
Радувај се, зашто беше предизобразена од патријарсите;
Радувај се, зашто беше претскажана од пророците.
Радувај се, зашто злобната дрскост на Атониј брзо ја казни;
Радувај се, зашто на истиот исцеление му подари.
Радувај се, зашто во вера го претвори Атонијевото неверие.
Радувај се, зашто го прими неговото верно исповедање.
Радувај се, зашто кон небото ги возведуваш оние кои имаат љубов и вера кон Тебе;
Радувај се, зашто ги спасуваш оние кои со вера го повикуваат Твоето име.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Кондак 5

Богопратените ѕвезди – светите Апостоли, кои заради проповедта на Евангелието во поднебесата беа расеани, грабнати беа на облаци, во небесната шир, за да дојдат на погребението на Мајката Господова: Неа со пеења и песни Ја придружуваа, и со Бесплотните Чинови повикуваа: Алилуја!

Икос 5

Кога Го видоа боговидците својот Владика, како ја прима во рацете душата на Својата Мајка, познавајќи дека Он е Господ, побрзаа со свештени химни достојно да Ѝ воспеат:
Радувај се, Царице, Која го носиш Оној Кој Царува над сè;
Радувај се, и Самата носена од Неговите синовски раце.
Радувај се, царски Скиптару во Христовата десница;
Радувај се, во рацете на Ное, Гранче на гулабицата.
Радувај се, Жезлу Аронов, кој изникна нетление;
Радувај се, Крину невенлив, кој расцвета бесмртие.
Радувај се, на богоотецот Давид Перо боговдахновено;
Радувај се, зашто Си постанала Слово, Псалтир и прекрасна Гусла на неговото пророштво.
Радувај се, оживотворен Кивоту на светоста Господова;
Радувај се наш воскреснат Животу, во Господовиот покој.
Радувај се, Скинијо осенувана од Херувимите;
Радувај се, Светињо на светињите, пофалувана од Серафимите.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Кондак 6

Богоносните проповедници – Апостолите, по заминувањето на Божјата Мајка во неовоземниот свет, како што седеа на заедничка трпеза и прекршуваа леб во името Господово, одеднаш ја видоа Царицата Богородица како доаѓа одозгора, придружувана од светли Ангели: и слушајќи како им пренесува мир од Синот Нејзин и Бог, повикаа: Алилуја!

Икос 6

Од Твојата пречиста утроба ни засветли Сонцето на Правдата, Христос Бог, и преку доброволната и благоразумна проповед на Апостолите го просвети светот, и Тебе, Богомајката, од род во род Те прослави. Затоа и сите ние Те ублажуваме, повикувајќи Ти:
Радувај се, Присноблажена од сите родови довека;
Радувај се, Благоутробна и милостива кон луѓето.
Радувај се, зашто ветувањето кон соборот на Учениците го исполни;
Радувај се, зашто со Твојата посета, мирот на Твојот Син и Бог ним им го подари.
Радувај се, сепосакувано, слатко Созерцание на светиите;
Радувај се, на преподобните мајки и светите девици весело Радување.
Радувај се, рајската населба на праведните ја надгледуваш ;
Радувај се, сите кои се наоѓаат во небесната слава ги посетуваш.
Радувај се, почеток на човечкото спасение;
Радувај се, на сите добри желби исполнување.
Радувај се, по Бога – Царот на оние што царуваат, Богородице Царице;
Радувај се, по Господа – Владиката наш Кој над сите владее, Госпоѓо и Владичице.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Кондак 7

Секогаш ги спасуваш, Богородице, сите кои сакаат со вера да влегуваат во Твојот свет храм, и ги избавуваш од секакви напасти и беди оние кои Те слават: затоа и на благоверните луѓе, кои секогаш Те ублажуваат, дај им победа над противниците и исполни ги сите наши молби што се за наше спасение, нам кои Ти се молиме и Му пееме на Бога: Алилуја!

Икос 7

Нова твар ни покажа кога ни се јави преку Тебе, Богородице, Творецот на сè и Господ: а Ти Која милосрдно промислувајќи посредуваш кон Него за нас, кои чесно го почитуваме Твоето пречесно Успение, прими ги од нас овие песни:
Радувај се, Мајко Божја избрана од земните;
Радувај се, повозвишена од земните и небесните.
Радувај се, зашто горе ги надвишуваш Херувимите и Серафимите;
Радувај се, зашто долу го собра со облаци хорот апостолски на Твоето погребение.
Радувај се, зашто по Твоето погребение со силата Божја цврсто Тома го утврди;
Радувај се, зашто преку него Твоето телесно преселување на небото го потврди.
Радувај се, зашто Си украсена со убавината на сите добродетели;
Радувај се, зашто Му се придружи на Најпрекрасниот од сите синови човечки – Твојот Син.
Радувај се, зашто како палма со телото воскреснато процвета;
Радувај се, зашто како кедар во небесниот Ливан се умножи.
Радувај се, Дрво на Животот, насадено среде вишниот Рај;
Радувај се, духовен Корабу, воздигнат во висините од смртниот потоп.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Кондак 8

Те гледаме чудесно вознесена како сонце, меѓу вишните наднебесни недомисливи и неискажливи убавини, избрана Владичице, Ти Која умилно Си се вознесла кон Твојот Син и Бог во Неговите раце носена, и прерадосно Си се поклонила на Неговата живоначална десница; заради тоа непрестано воскликнуваме: Алилуја!

Икос 8

На Небесата земена и пребивајќи Целата горе, а не оставајќи ги земните, носена на рацете на Твојот Син, Богомајко, отиде во вечноста, во оној сесветол и прекрасен град – небесниот Ерусалим, каде опкружена од Херувимите и сите Небесни сили, го слушаш ова пеење:

Радувај се, Твојата пресвета душа во вишниот сесветол Сион се вселува;
Радувај се, и Твоето нетлено тело, таму, заедно со душата се прославува.
Радувај се, зашто влезе во престолниот град на Самиот Седржител;
Радувај се, зашто се вознесе во прекрасниот рај на Вишниот Насадител.
Радувај се, зашто Си пренесена во градот, основан од блескави камења;
Радувај се, зашто Си воведена во оградата опкружена од војската на Небесните Сили.
Радувај се, зашто Си земена над Небесата, во Божјото благолепие;
Радувај се, зашто Си почитувана повеќе од сите Безплотни умови.
Радувај се, пред Твојот Син и Бог молбите на верниците ги принесуваш;
Радувај се, пред престолот на Твојот Син и Бог и Самата непрестајно за сите се молиш.
Радувај се, Посредничке пред Бога, Која светот го спасуваш;
Радувај се, Бого-подарена Застапничке на родот христијански.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Кондак 9

Секој ангелски чин Те превознесува, Богородице; сите човечки родови, пак, Те славиме како Мајка Божја, и го почитуваме Твоето пречесно Успение, Царице: зашто заради Тебе земните се соединуваат со небесните, заедно пеејќи Му на Бога: Алилуја!

Икос 9

Сега гледаме како во Тебе се остварува, Богородице, красноречието на боговдахновените пророчки кажувања;  зашто навистина Бога си ни Го родила во плот. Затоа, верувајќи во таинството на Божјите зборови, повикуваме:

Радувај се, совршен Почетоку на законот и пророците;
Радувај се, Ѕвездо Jаковова, од Валаам пророкувана.
Радувај се, Одару на великиот Цар, за кој говори Соломон;
Радувај се, Руно оросено од Исуса, навестено од Гедеон.
Радувај се, Несогорлива Капино, од законодавецот предвидена;
Радувај се, Горо Света, од човек доброжелателен здогледана.
Радувај се, Небесна Лествице, предвидена од Јакова;
Радувај се, Врато непроодна, провидена од Језекиила.
Радувај се, Сонце на Христовото живеалиште, од псалмопевецот претскажано;
Радувај се, Таинство, од пророците на разновидни начини проречено.
Радувај се, зашто Си донела исполнување на сите за Тебе кажани пророштва;
Радувај се, зашто Си извршила сè што Севишниот промислил за спасение на светот.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Кондак 10

Сакајќи да го спаси светот, Господ на сè Те избра Тебе од земниот род за Своја Мајка, и заради нас стана Човек. Се вознесе онаму, од каде што слезе, кон небото од земјата, и Тебе со Себе Те издигна за да пребиваш во вечна слава, и да царуваш со Него бесконечно. Затоа како Бог од сите слуша: Алилуја!

Икос 10

Крепост си на верните, Дево Богородице, и застапништво на сите кои прибегнуваат кон Тебе: зашто Творецот на небото и земјата од Тебе во тело се роди, Пречиста, и со дух и тело Те пресели во небесата, за најнепосредно да се застапуваш за сите, кои ги научи да Ти повикуваат:

Радувај се, Граде на Великиот Цар, изграден на врвот на небесните гори;
Радувај се, Крепост и Покрову кој не се сокриваш од нашето прибегнување кон Тебе.
Радувај се, Помошничке на верните цареви против непријателите;
Радувај се, зашто ги победуваш нападите на агарјаните.
Радувај се, на благочестивата вера непоколеблива Чуварке;
Радувај се, на еретичките армии разрушување.
Радувај се, Радост и умирување на светот;
Радувај се, зашто го порази сепогубниот пекол.
Радувај се, победнички Венецу на оние кои целомудрено се борат против плотта;
Радувај се, сечесно прославување на маченичките подвизи.
Радувај се, Посредничке за блажено упокојување на преподобните;
Радувај се, на монасите во блажена тага, Дарителке на вечно радување.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Кондак 11

Сите боговдахновени песни не се доволни достојно да го воспееме Твоето сечесно Успение, сеславна Владичице, Царице Богородице: ние, сепак, усрдно, како Мајка на Царот на сите,  Ти го принесуваме ова наше смирено молење, пеејќи Му со Небесните Чинови на Бога, Единствениот Кој достојно Те прослави: Алилуја!

Икос 11

Ни се јави на земјата како блескав светилник на вистинската Светлина, просветувајќи ни ги душите и водејќи нè кон божествен разум нас, кои го почитуваме Твоето сечесно преставување, за да Ти воспеваме:

Радувај се, Свеќо незгаслива на невештествениот оган;
Радувај се, незалезен Зраку на невечерната Светлина.
Радувај се, Месечино осветлувана од Сонцето на правдата;
Радувај се, Светлино која светиш во темнина.
Радувај се, Светилнику, на возвишен свеќник поставен;
Радувај се, Извору на живот, од гроб во светлина изведен.
Радувај се, Мајко на Умната Светлина, која ги просветува душите на верните;
Радувај се, Мајко на Бог на сета твар, Која ги утешува душите на озлобените.
Радувај се, Дарителке на непосрамен крај на животот, на оние кои на Тебе се надеваат;
Радувај се, зашто Божјите и Твои слуги, на судот на Твојот Син, од Неговата десна страна ги поставуваш.
Радувај се, Преблажена, зашто преку Тебе сме блажени и ние, имајќи Те Тебе за Помошничка;
Радувај се, Преблагословена во сите родови, зашто Господ е со Тебе, а преку Тебе и со нас.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Кондак 12

Кога ја видоа Небесните Умови благодатта на високопрестолната слава дарувана на Небесата на Богомајката, преку почеста со седење оддесно на Нејзиниот Син и Бог, Ја понесоа врз себе Престолите и Силите, Ја опкружија Началата и Властите, паднаа ничкум страшните Херувими, Серафими и Господства, со Архангелите и Ангелите, повикувајќи: Алилуја!

Икос 12

Воспевајќи го Твоето сечесно Успение, сите ние го славиме Твоето заминување на небесата, Царице Богомајко: Ти, пак, освети ги, прослави ги и спаси ги сите кои со љубов Ти пеат:
Радувај се, зашто ја очисти земјата со стапките на Твоите пречисти нозе;
Радувај се, зашто го освети воздухот со Твоето воздигнување на Небесата.
Радувај се, зашто се искачи на небесниот свод;
Радувај се, зашто ги гледаш сите небесни убавини.
Радувај се, зашто крај престолот на Твојот Син и Бог седиш во слава;
Радувај се, зашто со Твојот Син и Бог вечно царуваш;
Радувај се, Убавино во десницата Господова, што ги украсуваш сите Небесни созданија кои Те ублажуваат;
Радувај се, зашто ги радуваш на земјата сите кои на Тебе се надеваат.
Радувај се, Ти, облечена во сонце, Која со благодат и слава ја осветлуваш целата вселена;
Радувај се, зашто вети дека ќе ги чуваш и спасуваш сите кои го повикуваат Твоето име на земјата.
Радувај се, од сите христијански родови почитувана како Мајка Божја, и нарекувана Богородица;
Радувај се, од истокот на сонцето до запад, преславно и православно од сите благочестиви славена.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

3.angeli.so.truba

Кондак 13

О, севоспеана Мајко на Бесмртниот Цар на небото и земјата, Христос нашиот Бог, Која и по смртта живееш, прими го приносов сегашен за Твоето сечесно Успение, и избави нè во овој живот и при нашето смртно успение од секој напад, неволја и несреќа; и удостој нè, Царице, со Небесното Царство, нас, кои Ти повикуваме: Алилуја!

(Овој кондак се кажува три пати, а потоа се чита икос 1 и кондак 1)

Икос 1

Ангел претстател беше испратен да Ѝ каже на Богородица за Нејзиното надземно вознесение, и го наговестуваше доаѓањето кај Неа на Нејзиниот Син и Бог; и за Неа светло блескаше и стоејќи повикуваше вака:
Радувај се, преизрадувана Мајко на Царот;
Радувај се, Небесна Царице, Мајко на Бога и Господа на небото и земјата.
Радувај се, удостоена со величенственото пришествие на Твојот Син и Бог при Тебе;
Радувај се, возвеличена со известувањето за Твоето заминување кај Твојот Син.
Радувај се, Богоизбрана од сите родови;
Радувај се, свето сместилиште на Словото Божјо.
Радувај се, исполнување на пророчките кажувања;
Радувај се, пречесен венецу на апостолите.
Радувај се, украсу на светителите и убавино на свештениците.
Радувај се, укрепување и сило на царевите;
Радувај се, издигнување на богомудрите монаси кон Вишното Царство;
Радувај се, зашто ги отвораш рајските порти за родот христијански, кој секогаш Те ублажува.
Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Samoochistena.ikona.jpg

Кондак 1

Тебе, избраната од сите родови, Божјата Мајка и Царица, Која се вознесе од земјата кон небесата, побожни песни Ти принесуваме, ние Твоите слуги, за Твоето пречесно Успение, Богородице: Ти Која имаш победа над смртта, од сите смртоносни неволји избави нè, за да Ти повикуваме: Радувај се, о, Израдувана, Која не нè остави по Твоето Успение.

Bogorodica.Uspenie1a.jpg


Молитва кон пресветата Владичица наша Богородица

О, Пресвета Богородице, Дево Владичице, повозвишена од ангелите и архангелите, и најчесна од сета твар, восхит велик на ангелите, возвишена проповед на пророците, преславна похвало на апостолите, прекрасен украсу на светителите, крепка тврдино на мачениците, спасително водство на иноците, неотклоно воздржание на испосниците, славо и чистото на девствениците, тивка радост на мајките, мудрост и поука на младенците, заштитничке на вдовиците и сираците, на голите риза, на болните оздравување, на пленетите избавување, тишино на оние што по море пловат, мирно пристаниште на оние што бура ги носи, сигурна водителке на заблудените, лесен премину на патниците, блажен спокоју на трудбениците, на измачените брза застапничке, на нападнатите покрову и прибежиште, надеж на безнадежните и помош на оние кои помош бараат.
На ништите богатство непропадливо, на нажалените непрестана утехо, на намразените љубовно смирение, на грешниците спасение и кон Бога обраќање, на сите правоверни цврста заштито, непобедлива помош и застапништво. Низ Тебе, Владичице, Невидливиот нам видлив ни стана, затоа молитва Ти принесуваме, Госпоѓо, ние грешните слуги Твои.
О, Премилостива и Пречудесна Царице на духовната светлина, Која Го роди нашиот Цар Христос, Животодавецот на сè, славена од небесните, и фалена од земните: ангелски уму, светлозарна ѕвездо, Пресвета меѓу светиите, Царице на цариците, Владичице на сета твар, боголепна Девице, нескверна невесто, на Светиот Дух палато, огнен престолу на невидливиот Цар, небесен кивоту, Носителке на Словото Божјо, огнообразна кочијо, одмориште на живиот Бог, неизглаголива Составителке на плотта Христова, гнездо на Орелот Небесен, грлице благогласна, гулабице кротка, тивка и незлобива, Мајко чедољубива, бездно на милоста Која го разгони градот на гневот Божји, безмерна длабочино, неизглаголива тајно, несфатливо чудо, благомирисно кадило, чесна багренице, боготкаена порфиро, душевен рају кој ја изнедри животоносната градина, цвету прекрасен кој ни Го расцвета небесното веселие, грозду на нашето спасение, путиру на Царот небесен во Кого од Светиот Дух се раствори виното на неисцрпна благодат, Застапничке на законот, почеток на вистинската вера Христова, непоколеблив столбу, пропаст на еретиците, мечу на гневот Божји против богоборците, страв за демоните, победо во војните, на сите христијани вистинско зачувување, и на целиот свет сигурно спасение.
О, Семилостива Госпоѓо, Дево Владичице, Богородице, услиши нè нас кои Ти се молиме, и покажи ја милоста Твоја на луѓето Твои. Моли Го Синот Твој да нè избави од секое зло и да ја сочува нашата обител и секоја обител, градот и ѕидините на верните, и луѓето кои благочестиво прибегнуваат и го призиваат светото име Твое, од секоја напаст, помор, глад, земјотрес, потоп, оган, меч, налет на иноплеменици и меѓусебни војни, од секоја болест и секоја неволја, та од никаква рана, ни закана и ни помор, ни секаков праведен гнев Божји да не бидат поразени слугите Твои; туку сочувај нè и спаси нè по милоста Своја, Госпоѓо, нас кои Ти се молиме, и полезно благорастворение на воздухот кон време на плоден принос дарувај ни; олесни, прости и помилуј нè, премилостива Владичице, севоспеана Богородице, нас кои сме во секоја беда и мака. Спомни си за слугите Твои, и не презирај ги солзите и воздишките наши, и обнови нè по добрината на Твојата милост, за со благодарност да се утешуваме, наоѓајќи Те за помошничка. Смилувај се, Госпоѓо Пречиста, на немоќта на луѓето Твои, надеж наша; расеаните собери ги, заблудените – на прав пат води ги, отпаднатите од верата отечка – пак врати ги, староста поткрепи ја, младите научи ги, младенците воспитај ги, и прослави ги оние кои Те слават, а особено Црквата на Синот Твој сочувај ја и сохрани ја во долгоденствие.
О, милостива и премилостива Царице на небесата и земјата, Богородице приснодево, со Твоето застапништво помилувај го чесното воинство, и сите православни христијани, запазувајќи ги под покровот на милоста Твоја; заштити ги со Твојата чесна риза и моли Го Христа нашиот Бог, Кој бессемено од Тебе се воплоти, да нè препојаса одозгора со силата против нашите видливи и невидливи непријатели, против иноплемениците и едноплемениците, кои војуваат против нас и против нашата Православна вера. Спаси и помилуј ги, Госпоѓо, членовите на Светиот Синод на нашата Православна Црква, свештениците и ѓаконите, и сиот православен народ, кои Ти се поклонуваат и се молат пред Твојата чесна икона; погледни кон сите нас со погледот на Твоето милостиво застапништво, подигни нè од гревовниот понор, и просвети ни ги очите на срцето, за да го видиме спасението; моли Го Синот Твој, милостив да биде кон нас, тука и на страшниот Суд; слугите Твои кои се преставија во благочестие од овој живот, во вечниот живот, со ангелите и архангелите, и со сите светии причисли ги, за да застанат оддесно на Синот Твој и Бог; и по молитвата Твоја направи да живеат со Христа, и да се насладуваат со ангелската радост во небесните живеалишта.
Зашто Ти си, Госпоѓо, слава на небесните и надеж на земните. Ти си надеж наша, и застапница на сите кои при Тебе притекнуваат, и кои ја просат светата помош Твоја. Ти си наша топла молителка кон Синот Твој и Бог наш; Твојата мајчинска молитва има голема моќ во молењето на Владиката; со Твоето претстателство пред престолот на благодатта да се осмелиме да пристапиме кон пресветите и живототворни Негови Тајни, иако сме недостојни. Затоа гледајќи го на иконата сечесниот Твој образ и раката Твоја, која Го држи Седржителот, се радуваме ние грешните, и со умиление припаѓајќи, со љубов ја целиваме, очекувајќи, Госпоѓо, со светите Твои богопријатни молитви, да го достигнеме бесконечниот небесен живот, и непосрамено да застанеме на Денот на Судот оддесно на Синот Твој и нашиот Бог, славејќи Го Него заедно со безначалниот Отец, и Пресветиот, и благ и живототворен и единосушниот Дух, во сите векови. Амин!

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче