За десет дена колку што трае акцијата за бесплатно приклучување кон системот за централно греење со кој управуваат лиценцираните компании основани од БЕГ АД пристигнале 110 барања за приклучок во новата грејна сезона 2018/2019 година, соопштија од БЕГ.
Акцијата за бесплатен приклучок ќе трае до 15 септември 2018 година, потоа до 30 септември корисниците ќе плаќаат 50 проценти од предвидените трошоци за оваа услуга. Од 1 октомври приклучувањето ќе се наплаќа во целост, согласно важечкиот ценовник.
Споредено со истиот период минатата година, интересот за приклучување кон системот за топлинска енергија е зголемен за над 50 отсто.
– Повеќегодишното подобрување на квалитетот на услугата и намалувањето на цената која во периодот од 2013-та до 2018-та година вкупно се намали од 33 проценти до 66 отсто, во зависност од категоријата на потрошувачи, очекувано го зголеми интересот кај потрошувачите, велат од БЕГ.
Од топланата информираат дека подготовките за новата грејна сезона се одвиваат согласно планот, што е гаранција за непречен старт и одвивање на истата.