Во голема операција на Европол во Романија и Молдавија, е разбиена криминална мрежа која произведувала и дистрибуирала нелегални анаболни стероиди и фалсификувани лекови.
Мрежата користела популарни влијателни луѓе на социјалните мрежи, односно инфлуенсери, за да промовираат лажни супстанци кои служат за подобрување на перформансите во спортот.
Утврдено е дека криминалната мрежа снабдувала голем број клиенти низ Романија и Европската унија. Еден романски осомничен имал блиски врски со спортски сали во Романија, кои доставувале нелегална стока за криминалните мрежи. Многу од нивните клиенти биле добро познати инфлуенсери со популарни канали за исхрана и диети, како и разни ѕвезди кои често се појавувале во дигиталните медиуми.
Осомничените користеле апликации за пораки и темна мрежа за да стигнат до клиентите во други земји на ЕУ. За да го скријат потеклото на производот, тие користеле етикети од познатите маркети за е-трговија за пакување на пратките. Потоа добивале плаќања во крипто-валути и користеле крипто-мешачи за перење на криминалните средства. Врз основа на анализата на Европол и податоците на истражителите, се проценува дека криминалната добивка достигнала околу 1,5 милион евра.
Европол објави дека државните власти примениле специјални истражни техники за да добијат подобар увид во криминалните активности. Користејќи ги овие техники, истражителите откриле дека имало четири главни организатори, еден Романец и тројца Молдавци.
Истрагите откриле дека секој вторник сите тројца Молдавци патувале со автомобил за Романија. Од среда до четврток или петок во фабриката произведувале нелегални лекови. По завршувањето на производството, осомничените од Молдавија му ги доставале на осомничениот Романец задолжен за дистрибуција.